Во Музеј на современата уметност од пред два дена конечно е отворена постојаната поставка, по повод 50 години од основањето на музејот, со наслов „Солидарноста-недовршен проект“.
Дела од светската ликовна и визуелна уметност, меѓу кои и дела на Пикасо, Калдер, Хокни, Мур, Џаспер Џонс, Фернан Леже, Бернар Бифе, се составен дел од постојната поставка што во саботата конечно се отвори во Музејот на современата уметност во Скопје. По повеќе од две децении од последното изложување на делата од фасцинантната збирка на МСУ, љубителите на уметноста и посетителите на музејот повторно добија шанса во живо да видат околу 300 врвни уметнички остварувања. Реновираниот простор во МСУ, внимателно селектираните дела од колекцијата, кои ќе се менуваат со други од депото, го сместува музејот како значаен уметнички центар во регионот со вредна уметничка збирка што вреди да се погледне.
Старата постојана поставка што била создадена од дела подарени на музејот по земјотресот во 1963 година беше тргната во времето на распадот на Југославија пред 24 години од безбедносни причини. По земјотресот, оваа збирка имала околу две илјади дела, а сега во сопственост на МСУ се околу пет илјади дела од светски и од домашни уметници.
Во новоконципираната поставка, изложена во три галериски простори на 3.500 квадратни метри, се претставени над 300 уметнички дела. Во првиот галериски простор се изложени делата од збирката на врвни светски уметници, како Џаспер Џонс, Дејвид Хокни, Фернан Леже, Бернар Бифе, Александар Калдер, Пјер Алешински, Иван Кожариќ, Душан Џамоња, Роберт Јакобсен, Штурса… Во овој галериски простор е изложено и делото на Пикасо „Глава на жена“, кое стоеше во депото со децении.
Според изложбениот концепт, уметничките остварувања не се подредени хронолошки, ниту по потеклото.
Од домашните автори застапени се делата на сите уметници што активно учествувале во креирањето на македонската историја на уметност. Изложени се дела на Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Петар Мазев, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Димитар Кондовски, Душан Перчинков, Јордан Грабулоски, Родољуб Анастасов, Анета Светиева… На горниот кат на музејот, кој беше во најлоша состојба, се поставени и делата на автори од поновата македонска ликовна сцена, како Велимир Жерновски, Игор Тошевски…
„Со голема одговорност се исполнува ветување, долг кон историјата на уметноста, кон нашето културно наследство, кон македонската публика бидејќи по неприфатливата децениска ‘пауза’ во која бевме осиромашени за едно богато визуелно задоволство, во овој нов современ простор од 1.500 метри квадратни добиваме можност да ги видиме и доживееме делата на македонските и светските автори кои со својот индивидуален пристап оставија длабоки траги во современата ликовна историја“, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која ја отвори поставката.
Svetski, moderen i prekrasen! Bravo! Vaka se renovira po svetski standardi!