Обврските за исполнување на еколошките стандарди за добивање А интегрирана дозвола остануваат според Законот за животна средина, без разлика дали Владата ќе одлучи да го пролонгира рокот или не, порача министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.
Тој на денешната презентација на системот за отпрашување што треба да биде инсталиран во „Макстил“ ги повика раководствата на компаниите, кои треба да ги исполнат обврските, да преземат конкретни чекори и целосно да ги исполнат оперативните планови.
Во однос нa пролонгирање на рокот, кој е до крајот на април годинава, министерот информира дека уште нема конечна одлука.
– Без разлика на роковите, ова е обврска на „Макстил“ и на сите компании, и се надевам дека ќе биде исполнета. Пролонгирање може да има одделно, зависи од компаниите што ќе бараат и за дел од оперативен план. Тоа може да биде неколку месеци, во зависност од барањето и фазата од која компаниите се влезени со инвестиции и со исполнување на оперативниот план. Ако нема инвестиција, проект или воопшто нема почнато со имплементирање тогаш е тешко да се бара одлагање. Треба да знаеме дека пролонгирањето нема да биде за сите капацитети или за сите оперативни планови, -нагласи Адеми, додавајќи дека пролонгирање може да има само за компаниите што прават конкретни чекори.
Генералниот директор на „Макстил“ Иван Бановски истакна дека компанијата ќе продолжи да работи паралелено со производството и со имплементација на системот за отпрашување. Имплементацијата на проектот очекува да почне на почетокот на март, а инвестицијата ќе чини 10 милиони евра.
– Системот ќе биде готов осум месеци од почнување на имплементацијата до финално пуштање во употреба на постројката, – рече Бановски, посочувајќи дека ќе им биде потребно пролонгирање на рокот околу шест месеци.