Научниците веќе подолго време укажуваат дека генерирањето на гасови со ефект на стаклена градина не познава граници. Истражувачите од шведскиот Технолошки универзитет во Гетеборг утврдиле дека дури 1/6 од јаглеродниот отпечаток на исхраната на Европјсаните е поврзана со сечењето на тропските шуми. Поедноставно кажано, авокадото за појадок или утринското кафе, веројатно се засадени на почва каде некогаш имало тропска шума. Ширењето на земјоделството резултира во засилена сеча на дрвјата во тропските поднебја и како последица на тоа повисока емисија на стакленички гасови, но и загуба на биодиверзитетот. Според сознанијата на истражувачите, овој сектор генерирал 2,6Gt јаглерод диоксид годишно, за периодот од 2010 до 2014 година. Студијата ќе биде објавена во мајското издание на часописот Global Environmental Change.