Насловна / Вести / Плочки од алги кои ѕидовите ги претвораат во прочистувачи на вода

Плочки од алги кои ѕидовите ги претвораат во прочистувачи на вода

Тим на дизајнери и инженери од Универзитетскиот колеџ во Лондон се обидуваат да направат ѕидни плочки кои работат како вистински жив организам.

Податоците покажуваат дека над 80 отсто од површинската вода во Индија е загадена, а меѓу главните извори на загадување се отпадна и индустриската вода. Во малите рурални средини, овој проблем е особено изразен бидејќи во тие места нема развиена инфраструктура која би можела да го намали овој проблем.

Една група на дизајнери и биохемиски инженери од Универзитетскиот колеџ во Лондон се обидува да се справи со овој проблем, преку создавање на глинена плоча во форма на лист која чисти тешки метали од отпадни води со прифаќање на честичките во хидрогел кој потоа се внесува во алгите. Овие плочки може да се постават на ѕидовите на фабрики или други објекти, а резервоарот за вода, кој се наоѓа на врвот на зградата би ја насочувал водата преку канали во форма на вени.

plocki

Официјалното име на овој проект е Индус и се базира на научниот процес наречен биоремедијација, која од 1940 година се користи за прочистување на високо контаминирани локации, во кои биолошките организми – во овој случај алги, помагаат за да се уништат загадувачите и ја чистат водата на одржлив начин.

Истражувачкиот тим овој пронајдок го тестира во Индија, каде што откриле дека еден вид алги има способност да ја намали концентрацијата на кадмиум 10 пати во рок од 45 минути.

plocki1

Плочките се произведени во Курја, градот на керамиката во земјата. Една плочка чини помеѓу пет и седум долари по квадратен метар, во зависност од техниката што се користи во производството, иако тимот предвидува дека нивната цена ќе се намали кога ќе се произведуваат масовно.

Истражувачите се надеваат дека Индус плочките во подоцнежните фази од истражувањето ќе бидат во можност да се прилагодат на различни земји и континенти, и ќе има можност да се направат од различни материјали како што се песок, камен, па дури и сирова отпадна вода.

Испрати коментар

Scroll To Top