За изградба на низа од 20 нови градски куќи во дистриктот Ørestad во Копенхаген, употребени се рециклиран бетон, користени двојно застаклени панели и отфрлени подни плочи. Проектот за изградба на станбени единици под името Upcycle Studios, е дело на архитектонското студио Lendager Group. Куќите се проектирани да бидат пространи и да помогнат во промовирање на одржливооста. Дрвената граѓа која е користена во изградбата на објектот е набавена од данската компанија Dinsen за која овој производ претставува отпад. Прозорците се земени од стари згради кои биле предмет на реновирање. Вкупно 850-те тони бетон се донесени на градилиште како отпад од изградбата на метрото во Копенхаген. Од Lendager Group велат дека за ублажување на климатските промени потребно е да се развијат не само одржливи туку и регенеративни решенија. Согласно на тоа, ова студио ја промовира кружната економија преку своите архитектонски проекти. Студиото гледа ресурс во отпадот и вели дека на овој начин може да се градат квалитетни градби без компромис и во поглед на естетиката и во поглед на цената. Гледајќи од улицата, секоја од овие долги а тесни куќи ги карактеризира голема стаклена фасада со дрвена рамка. Дијагоналната ориентација на секоја куќа станува поочигледна кога се набљудува од задната страна, каде формата е нагласена со дебели бетонски ѕидови кои ја раздвојуваат секоја засебна единица. Она што е особено значајно за овие куќи е редукцијата во емисијата на CO2 за 60% споредено со конвенционалните градби.