Климатските промени се еден од најголемите предизвици за човештвото. Имаат силно влијание врз животната средина, јавното здравје и економијата ширум светот. Веќе со децении научниците предупредуваат на негативните последици од порастот на температурите. Првите последици се веќе видливи во градовите, каде порастот на глобалните температури сериозно ги менува локалните климатски прилики и доведува до создавање на т.н урбани топли острови (urban heat islands). Градот Виена го препозна тој проблем и одлучи да спроведе пилот проект во една од своите улици. Научниците од Виена пресметале дека до крајот на векот во округот Нојбау (Neubau Bezirk), годишно би можело да има 50 до 55 жешки денови, што овој округ го прави еден од најтоплите во Виена. Децата, болните и старите луѓе, но и животните, посебно се погодени од високите летни температури. За да дејствуваат против урбаните топли острови и да го олеснат животот на тамошните жители, Град Виена ќе започне пилот проект во улицата Zieglergasse која би требала да стане прва улица со можност за регулација на температурите на воздухот. Реконструкција на улицата, озеленување на површините, инсталација на системи за ладење и овлажнување, е концептот преку кој ќе се подобри квалитетот на живот на жителите во оваа улица. Трошоците за адаптација на улицата изнесуваат 2,4 милиони евра, од кои 70% ќе ги покрие Град Виена, а останатите 30% ќе ги финансира округот Нојбау од својот буџет.