Денес во 19 часот во Чифте амам ќе биде поставена изложбата на Африм Спахиу која ќе трае до 4 мај. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски.
Спахиу е исклучително значаен автор за историјата на македонската уметност, тој е основоположник во сферата на современиот балкански филм – директор на фотографија и истакнат фотограф во регионот со редица самостојни изложби во значајни галериски простори во регионот и пошироко.
Oва е негова прва голема презентација во Македонија, каде ќе бидат изложени дела од изминатите речиси педесетина години од неговото творештво.
Опусот на Спахиу опфаќа широк дијапазон на тематски преокупации, диверзни технички пристапи и идејни цели на реализација на осетливата светлина на хартијата. Тој го фотографира сето она што го опкружува притоа обидувајќи се колку што е можно да ја остави класичната функција или предметната уметност за себе, целејќи да реализира што поапстрактни состави кои нема да ја прекинат врската со реалноста, туку напротив ќе ја истакнат уште повеќе, но од една друга димензија и перспектива која во одрдени дела може да се третира како метафизичка.