Техниката на набивање на земја не е новитет во градежништвото. Напротив, некои делови од Кинескиот ѕид се направени токму преку користењето на оваа техника. Меѓутоа, со години потисната и заменета од модерните методи на градба, сега истатa се појавува како економично и одржливо решение, со мало негативно влијание врз животната средина. Овие предности ги препознал младата африканска претприемачка Joelle Eyeson, којa вели дека токму оваа техника би била одговор на станбениот дефицит во регионoт.
Техниката подразбира компримирање на земјата во дрвени кутии. Глината хоризонтално се поставува во слоеви со височина од 15 сантиметри и се набива со пневматски алати за да се постигне идеална густина со отпорна и издржлива структура. Во 2016 година, Eyeson ја основа компанијата Hive Earth во Гана, специјализирана за изградба со техниката на набивање на земја. Ѕидовите се изработуваат во комбинација на земја, песок, глина и 5% цемент. Меѓутоа, според Joelle, ако клиентот сака 100% еколошки производ, тогаш цементот може да се замени со вар. Процесот на изградба е прилично едноставен. Mатеријалите се ставаат во мешалка за да се формира влажна смеса. Кога смесата е подготвена, таа се става во калапи и се распределува така што ќе се компримира до половина од првичната височина. Потоа, калапите се отстрануваат, а компримираната маса се суши и се стврднува. Ѕидовите кои ги изградила компанијата Hive Earth го привлекуваат вниманието поради својата естетика. Комбинацијата на слоеви со различни земјени мешавини, резултира во брановидни природни текстури и различни нијанси на земјени тонови. Ниту еден ѕид добиен со оваа техника не е ист.
Дефицитот на станбен простор во Гана, моментално изнесува 1,7 милиони домови, а оваа бројка и натаму расте. Поради ниската цена на изградба со оваа техника, Hive Earth успева да изгради куќа со една спална за само 5000 УСД. Според компанијата, ова може да ја реши станбената криза не само во Гана, туку и ширум африканскиот континент. Покрај ниската цена, уште една корист од оваа градба е способноста да ги лади внатрешните простории, намалувајќи ја со тоа потребната енергија за климатизација.