По неколкугодишни најави и одложувања, утре, сабота на 22 февруари во 19 часот ќе биде отворена постојаната поставка во Музејот на современата уметност во Скопје. Во реновираниот и саниран галериски простор, пред јавноста ќе бидат презентирани околу триста, од над петте илјади врвни уметнички дела што веќе две децении се чуваат во музејското депо.
На свеченоста на отворањето, кое е во рамките на одбележувањето на 50-годишнината од основањето на Музејот, ќе говорат министерката за култура Елизабета Канчевска-Милеска и директорката на МСУ, Елиза Шулевска. Публиката ќе добие можност да види дела од познати светски автори, како што се Вазарели, Пикасо, Хокни и други, а преку постојаната поставка ќе може да го проследи и развојот на современата ликовна уметност во Македонија, како што се делата на Димитар Пандилов-Аврамовски, Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Петар Мазев, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Анета Светиева и други автори.