Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид започнаа со проектот за конзервација на архитектурата на црквата „Св. Богородица Перивлептa“ во Охрид. Паралелно со овој процес, продолжуваат и истражувачките работи и на фрескоживописот од црквата.
Како што соопшти Министерството за култура, по завршувањето на повеќегодишните истражувања и сеопфатни анализи, на почетокот на идниот месец експертите вклучени во конзервацијата на фрескоживописот треба да дојдат во Република Македонија и заедно со македонските конзерватори да го финализираат проектот. По завршувањето со конзервацијата на архитектурата, што се планира целосно да биде заокружена до почетокот на летниот период, веднаш ќе се почне и конзервацијата на фрескоживописот. Во меѓувреме изработени се и проектите за конзервација на манастирскиот конак и манастирската камбанарија.
Од Завод и музеј Охрид потенцираат дека целиот процес на вршење на истражувачките работи се одвива во подолг временски период со цел изработување квалитетни проекти.
Координатор на проектот за реставрација и ревитализација на манастирскиот комплекс „Св. Богородица“ е Управата за заштита на културно наследство, а реализатор е Заводот и музеј – Охрид кој во изминатиот период имаше обврска да изведе конзерваторски истражувања, да направи анализи на покривот и прозорците, анализи на оштетувањата на фрескоживописот, присуството на вода, да изработи проекти за дренажниот систем, конзервација на архитектурата на црквата, а беа изведени и археолошки истражувања како и документирање на фрескосликарството.
– Имајќи предвид дека се работи за исклучително значаен споменик, како и заради евидентно лошата состојба на фрескосликарството што во најголем дел е директно поврзана со состојбата на градбата, одлучено е носител на истражувањата и на предлогот за интервенции на архитектурата и фрескоживописот да бидат странски експерти кои имаат искуство во областа на заштитата на недвижното културно наследство, односно на црковното градителство од византискиот период, – наведува Министерството.
Одговорен за истражувањата и на предлогот за заштитни интервенции на архитектурата е проф. Алкивиадес Препис, архитект–инженер од Универзитетот Ксанти, Грција. Одговорни за истражувањата и на предлогот за заштитни интервенции на фрескоживописот се Донатела Зари и Карло Џантомаси, меѓународни експерти за византиско фреско сликарство.
Проектот е финансиран од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство на Стејт департментот на САД, администриран преку Амбасадата на САД во Скопје.