Денес, во 21 век со развојот на новите технологии се појавија и нови градежни материјали и конструкции кои ги надминуваат сè повеќе можностите и границите во архитектурата и градежништвото. Скоро секоја замисла може и да се реализира. Гледаме сè повеќе објекти изградени со новите технологии и градежни материјали, кои придонесуваат за развојот на архитектурата и градежништвото во рамки кои во 20 век не можеа да се замислат и реализираат. Границите на можното секој ден се надминуваат.
Најдобриот објект во Швајцарија за 2018 година е селска куќа стара повеќе од 300 години реконструирана, обновена, адаптирана за денешните потреби и конзервирана во првобитниот изглед.
Автор на оваа прекрасна реконструкција е младиот архитект Андреас Пизас, кој има свое проктанско биро во Цирих, а досега работел и на други реконструкции на стари куќи и други објкти.
Што го прави неговиот дизајн толку впечатлив и му помогна да победи и да добие најмногу гласови меѓу останатите 50 објекти кои се натпреваруваа за најдобар објект во 2018 година во Швајцарија?
Андреас Пизас верува дека старите објекти повторно ќе си го најдат патот и местото во иднината. Дизајнот на старите објекти, како најголем дострел на занаетчиството во минатото, градени рачно и претежно од дрво се одраз на традицијата и стариот начин на градење, но се одржливи и во денешно време и можат да се пренаменуваат за денешниот начин на живеење.
Ова не е знак на ретро-романса или заостанатост. Ова се возбудливи промени кои зрачат со убавина и функционалност. Честопати различни временски слоеви доаѓаат заедно и создаваат нови моќни ткива. Нови свежи современи идеи и стариот вокабулар (старите занаети) се дополнуваат успешно и симпатично.
Куќата се наоѓа во југозападниот дел на кантонот Цирих во местото Уерзликон. Уерзликон се смета за традиционална селска населба во која куќите се заштитени со закон и имаат историско значење. Сите куќи во тоа село треба да се сочуваат и заштитат во првобитниот изглед, а по потреба да се адаптираат за денешните потреби.
Во 2011 година куќата била скоро урната. Кантоналната власт заедно со одделот за просторно планирање интервенирале куќата да се обнови. Општината Копел во која се наоѓа куќата, наредила да се изврши проценка на куќата од овластен проценител и склучила договор со сопственикот на куќата за нејзина реконструкција, обнова и адаптација. Во договорот, меѓу другото, пишува како да се врати куќата во првобитниот изглед и што мора задолжително да се почитува и задржи при реконструкција на истата.
Мора да се сочува надворешниот изглед како што бил, да се сочува основната дрвена внатрешна скелетна конструкција, бондрук конструкцијата на фасадата, внатрешните дрвени скали и дрвената кровна конструкција.
Куќата има подрум, приземје, кат и поткровје кое никогаш не било во употреба. Просторот може да се реновира и да се искористи целосно. Многуте анализи покажале дека куќата има просторни можности повторно да се стави во функција. Куќата е адаптирана од еднофамилијарна селска куќа во куќа со три стана за издавање. Секој стан има посебен влез, а влезовите се на три различни страни. Два стана се проектирани на две нивоа во приземјето и првиот кат. Едниот стан е со една спална соба, а другиот стан е со три спални соби. Третиот стан е во поткровјето, во простор кој претходно не се користел за живеење. До него се доаѓа со посебни скали од приземјето. Тоа е стан со една спална соба и една мала галерија.
Сите простории во становите се природно осветлени и проветрени па дури и сите бањи и кујни. Осветлувањето е со прозорци поставени на сите четири страни. Во поткровјето за да се добие повеќе светлина и природно проветрување во поткровјето се изведени прозорци – баџи. На едната челна фасада (источната) во поткровјето фасадата и двете балконски врати се обложени со тенок перфориран алуминиумски лим, така што преку ден се гледаат само четири прозорци, а навечер, кога куќата е осветлена однатре, се гледаат и балконските врати. Овој перфориран алуминиумски лим е единствениот современ и иновативен материјал употребен при реконструкција на куќата. Главно се користени материјали кои не се сметаат за современи и иновативни, туку потрадиционални како дрво, камен, малтер, ќерамида.
На прв поглед куќата изгледа како една крпеница или како што вели авторот „пачворк куќа“. Но, кога малку ќе ја разгледате ќе заклучите дека тоа е една прецизна и убава интервенција. Младиот Пизас со оваа реконструкција покажал големо познавање на градежните материјали и деталите, а исто така покажал огромен респект кон традицијата и традиционалниот занаетчиски начин на градење. Некои од старите занаети ги применил и при реконструкцијата. Се гледа дека дизајнот на реконструираната куќа е направен со голема љубов, завршен е со голема прецизност и респект кон историските содржини.
Од една скоро урната и руинирана куќа, сопственикот добил прекрасна традиционална, но многу современа и убава куќа.
И старите селски куќи имаат иднина и убавина. Животниот век може да им се продолжи и да функционираат одлично и во денешни услови, а тоа најдобро може да се види од овој убав пример на реконструирана, адаптирана и обновена селска куќа, стара повеќе од 300 години.
И со овој пример на реконструкција на стар објект границите на можното се надминуваат.
Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл. инж. арх.