Насловна / Архитектура / Вториот добитник на најзначајната награда во архитектурата, којшто дал придонес кон обновата на Скопје по земјотресот

Вториот добитник на најзначајната награда во архитектурата, којшто дал придонес кон обновата на Скопје по земјотресот

На 5.3.2019 година во Чикаго, САД, истакнатиот јапонски архитект, урбанист и теоретичар, Арата Исозаки (Arata Isozaki), беше прогласен за добитник на овогодишната, 2019 Прицкерова награда за архитектура (2019 Pritzker Architecture Award). Ова награда која се смета за највисокото меѓународно признание во доменот на архитектурата, е воспоставена од страна на Хајат Фондацијата во 1979 година, а со неа секоја година се оддава признание на жив архитект кој континуирано и значително придонел за човештвото и изградената средина преку архитектурата.

Untitled-1

Овогодишниот добитник Исозаки е роден во Оита (Oita), Јапонија, во 1931 година каде што се стекнал со основно и средно образование.  Тој своето образование го продолжил на Универзитетот во Токио каде дипломирал на Одделот за архитектура при Факултетот за инженерство во 1954 година, а потоа и докторирал.  По ова тој ја започнал својата стручна пракса во бирото на Кензо Танге (Kenzo Tange), кој е исто така добитник на Прицкеровата награда во 1987 година.  Во  1963 година господинот Исозаки го оформил своето биро „Арата Исозаки и соработници“ (Arata Isozaki & Associates) преку кое првин работел на проекти во Фукуока (Fukuoka), градот во којшто живеел, за потоа своето делување да го продолжи во Гунма (Gunma), Осака и Токио.  Преку својата прва меѓународна нарачка за  Музејот на современа уметност (Museum of Contemporary Arts, 1981-1986) во Лос Анџелес тој веќе во 1980-те години се пројавил како меѓународен лидер во доменот на архитектурата со оглед дека успеал да покаже светска визија која била пред времето и овозможила дијалог помеѓу Истокот и Западот.  Неговото творештво досега резултирало во над сто реализирани објекти ширум светот, а тој сè уште делува од Окинава со бироа во Јапонија, Кина, Италија и Шпанија.

ark_nova2

Арк.Нова

Неговите дела се презентирани на поголем број меѓународни соло изложби во Лос Анџелес, Токио, Њујорк, Болоња, Ротердам, Лондон, Барселона, Солун, Торино, Порто, Пекинг, Шангај и Гуангзу (Guangzhou). Како гостин-професор на повеќе универзитети во САД, вклучително со Колумбија, Харвард и Јел, и други земји тој придонесол и кон образованието на идните генерации на архитекти.

ДОБИТНИК И НА ДРУГИ НАГРАДИ

За своите постигнувања во доменот на архитектурата Арата Исозаки е добитник и на поголем број на награди помеѓу кои се истакнуваат:  Годишната награда на Архитектонскиот институт на Јапонија (1967 и 1975), Златниот медал за архитектура на Кралскиот институт на британски архитекти (1986),  Златниот лав на Биеналето на архитектура во Венеција (1996),  Офицер на Редот за уметност и книжевност на Франција (1997), Големиот крст на Редот за цивилни заслуги на Шпанија (1997), Орден за заслуги на Република Италија (2007), како и Наградата за животно дело Величествениот Лоренцо на Биеналето во Фиренца (2017). Тој бил почесен член на Кралската академија на уметности (Велика Британија, 1994) и Американската академија за уметност и книжевност (1998), и член на Јапонската академија на уметности (2017). Веројатно како особено признание се смета и фактот дека овогодишниот лауреат на Прицкеровата награда, бил и член на првото жири за доделување на оваа награда во 1979 година и останал во таа улога во текот на наредните пет години.

1

За да може подобро да се разбере пристапот и творештвото на овогодишниот лауреат потребно е да се разбере и контекстот во којшто тој се развивал. Неговиот роден град Оита се наоѓа на североисточниот дел на јужниот јапонски остров Кјушу (Kyushu). Како дете, тој во 1945 година бил современик на Втората светска војна и на експлозиите на атомските бомби во Хирошима (лоциран околу 149 км североисточно) и Нагасаки (лоциран околу 171 км југозападно) од Оита. Како резултат на ова тој растел во разрушена средина каде што немало архитектура, згради или градови.  Оттука, за Исозаки првото искуство од архитектурата всушност било отсуството на архитектурата, коешто го натерало да почне да размислува како луѓето можат да ги обноват своите домови и градови. На овие животни искуства се поврзува и неговата теорија дека објектите треба да ги задоволат сетилата на корисниците коишто во моментот поминуваат низ или пак околу зградите коишто се само од (при)времен карактер.

Окупацијата на Јапонија од сојузничките сили по Втората светска војна во најголема мерка завршува во 1952 година кога тој бил студент.  Како резултат на ова Јапонија си ја вратила сувереноста, но со тоа се истакнала и потребата за обнова на од војна разурнатата земја во период на повоената политичка, економска и културна несигурност во земјата. Оттука лауреатот вели дека „За да се најде најсоодветнииот начин да се разрешат овие проблеми, јас не можев да се фокусирам на единствен стил. Промената стана константна.  Парадоксално, ова стана мојот личен стил“.

Регионалната библиотека во Оита (Oita Prefectural Library, 1962-1966), подоцна преименувана во Оита уметнички плоштад (Oita Art Plaza), била една од првите реализации на Исозаки и дел од поголемиот план којшто ја нагласувал неговата теорија за „архитектура која расте“ и претполага дека градот никогаш не треба да остане статичен, туку дека треба да расте и еволуира. Аналогијата со човечкото тело била инспирација за организација на објектот главно обработен во натур бетон, преку која се создава средина на светлина и темнина преку кровните светла и прозорците.

СИТЕ ПРОЕКТИ НА ИСОЗАКИ

Прв реализиран музејски објект на којшто лауреатот работи е Музејот на современа уметност во Гунма (Museum of Modern Art, Gumna, 1971-1974), Јапонија, базиран на неговиот концепт на „уметничка галерија како празнина“.  Објектот се состои од систем на коцки коишто го оформуваат примарниот правоаголен волумен на објектот со две проектирачки крила исфрлени од истиот.  Концептот на коцката се протега на внатрешните простори како фоајеата и галериите, но и на надворешните простори вклучително со базенот во којшто се рефлектира објектот.  Оригиналниот геометриски пристап бил применет во континуитет и во рамките на доградба на ресторан (1994) и галерија за современа уметност (1997).

muz_moderna_um_gumna

Музејот на современа уметност во Гунма, Јапонија 1971-1974

Решението за Централната библиотека на Китакјушу (Kitakyushu Central Library, 1973-1974) во Фукуока, Јапонија, било инспирирано од проектот на Етиен-Луис Буле (Étienne-Louis Boullée) од 1785 година за Француската национална библиотека (French National Library). Во овој објект Исозаки успеал да реализира модерна интерпретација на неокласичен свод во префабрикуван бетон.  Двата свода на објектот почнуваат да се развиваат паралелно пред да почнат да се закривуваат одделно. Овие сводови се во контраст на правоаголните прозорци под должината на фасадите.

Зградата на Цукуба центарот (Tsukuba Center Building, 1979-1983) во Ибараки (Ibaraki), Јапонија, се наоѓа во еден од првите повоени градови во Јапонија и е јавен комплекс во чијшто состав се наоѓа концертна сала, информативен центар, хотел, ресторан и трговски центар.  Тука, во еден комплекс се сместени сите услуги потребни да се оживее новиот град.  Самиот објект е проектиран да асоцира и на урнатини и на обнова, при што фокусот на објектот е вкопаниот плоштад.  Фасадите на комплексот којшто гледаат на плоштадот завршно се обработени со контрасни материјали како алуминиум и бетон, рапав и мазен гранит, како и полирани и неполирани (керамички) плочки.

Првиот меѓународен проект на Исозаки, Музејот на современа уметност во Лос Анџелес, е карактеристичен по предизвиците на дадената локација.  Ова резултирало во вкопан објект од црвен песочен камен којшто е во контраст на високите објекти којшто го опкружуваат.  Библиотеката со полуцилиндричен свод и пирамидите обложени со бакар се дел од трите нивоа на објектот над теренот, додека посетителите се насочени да се движат надолу кон подземните галерии коишто се протегаат на четири нивоа под теренот околу објектот.

muzej_los_angeles

Музеј на современа уметност, Лос Анџелес, 1981-1986

Палау Сант Хорди (Палата Сант Хорди / Palau Sant Jordi, 1983-1990) сè уште е најголемата затворена спортска сала во Барселона изградена во рамките на Летните олимписки игри во 1992 година.  Лоцирана на брдо, повеќенаменската градба делумно е вкопана за да се намали профилот на објектот со капацитет од 17.000 лица.  Масивната купола на објектот е карактеристична по своите конвексни прозорци и била изградена на ниво на теренот пред да биде искачена до проектираното ниво во рок од дваесет дена.  Куполата се издига околу 45 метри над подот на  арената при што кровот го затвора пространиот внатрешен простор којшто и покрај големината на куполата остава чувство на леснотија. Локални материјали како тула, плочки, цинк и травертин биле користени за завршната обработка на објектот.

palau_sant_jordi_barcelona

Палау Сант Хорди, Барселона, 1983-1990

Уметничката кула Мито (Art Tower Mito, 1986-1990) во Ибараки, Јапонија, била изградена во чест на стогодишнината од Мито, како културен комплекс со театар, сала за претстави и уметничка галерија. Препознатливата тетрахеликсна кула била инспирирана од Бескрајниот столб (Endless Column) на Константин Бранкуси (Constantin Brancusi) од 1938 година и се состои од 56 триаголни панели со различни ориентации.

tower_mito

Кула Мито, Ибараки, Јапонија, 1986-1990

Јубилејната сала на Нара (Nara Centennial Hall, 1992-1998), Јапонија, била изградена во чест на стогодишнината на општината.  Исозаки победил на меѓународниот конкурс за овој објект којшто ги спојува минатото, сегашноста и иднината. Објектот е проектиран како независен монолит во одговор на локацијата, парцелата и ориентацијата, при што проектот преку закривената форма и сивите керамички плочки оддава почит на значајниот Тодаиџи храм (Todaiji Temple) од 734 година кој се наоѓа во близина на новоградбата.  Внатрешноста на објектот е проектирана како повеќенаменска и овозможува да ги задоволи потребите за различни настани, собири и конференции.

nara_centar2

Јубилејната сала на Нара, Јапонија, 1992-1998

Домус: Ла Каса дел Омбре (Домус: Куќа на човекот / Domus: La Casa del Hombre, 1993-1995) во А Коруња (A Coruña), Шпанија, е интерактивен музеј на науки посветен за истражување на човештвото.  Објектот е лоциран на бивш каменолом со поглед кон заливот.  Фасадата на објектот со ориентација кон морето оформува закривен заштитен ѕид во форма на едро или школка обложена со панели од шкрилец, додека надворешниот ѕид на спротивната страна е изработен од локален гранит во форма на латинската буква „z“.

Domus_Hisao SUZUKI02

Домус: ла Каса дел Омбре, А Коруња, шпанија, 1993-1995

Керамичкиот парк Мино (Ceramic Park Mino, 1996-2002) во Гифу (Gifu), Јапонија е музеј за керамика кој вклучува изложбени простори, сали за конференции, куќички за чај и јавна работилница. Објектот е лоциран во рамките на каскадна долина на начин да истиот претставува продолжување на топографијата преку надворешни тераси, платформи за набљудување и висечка стаклена фасада, при што ја сочувува постојната вегетација во опкружувањето на објектот.  Две стаклени кутии коишто се издигаат од објектот даваат идеја за тоа што се случува во внатрешноста.  Регионални материјали како тули и керамика се користени низ објектот.  Конструкции во форма на клатно и суспендирани столбови ги обезбедуваат галериите од земјотреси и истовремено ги штитат музејските експонати.

ceramic_park_mino

Керамичкиот парк Мино, Гифу, Јапонија, 1996-2002

Стадионот за хокеј (Ice Hockey Stadium, 2002-2006), преименуван во Пала Алпитур (Pala Alpitour) во Торино, бил проектиран за Зимските олимписки игри во 2006 година. Стадионот со капацитет од 12.000 места бил развиен според концептот за „невидлива архитектура“.  Објектот го почитува контекстот на своето опкружување преку вкопување на два од четирите ката на објектот со што вкупната висина на објектот над нивото на теренот е комплементарна со соседниот стадион изграден за светскиот фудбалски натпревар во 1934 година.  Надворешноста на објектот е од челик којшто не ’рѓосува во комбинација со стакло коешто му дава сјај на објектот во текот на денот и ноќта. Внатрешноста на објектот е опремена со седишта на извлекување и подвижни платформи коишто овозможуваат еволуција на просторот за објектот да може да се користи и за други спортски натпревари, концерти и средби.

Кулата Алианз (Allianz Tower, 2003-2014) во Милано е една од највисоките облакодери во Италија, и како таква претставува нов репер во Милано. Тесната 50-катна зграда ја нагласува вертикалата на објектот, при што надворешната висечка фасада со тројно застаклување била поделена во хоризонтални шесткатни сегменти со заокружена форма со цел да се намали рефлексијата на сончевите зраци од фасадата на објектот додека истата овозможува пристап на природната светлина која ја осветлува внатрешноста на објектот.  Закривената форма на шесткатните сегменти создава чувство на движење по висината на фасадата. Двете долги фасади на објектот се придржуваат со наклонети столбови со златеста боја чија функција е да се спротивстават на сеизмичките осцилации.  Внатрешната конструкција овозможува флексибилни канцелариски простории.  Проектот е изработен во соработка со италијанското биро на Андреа Мафеи (Andrea Maffei).

IMG_0447

Кула Алианз, Милано, Италија, 2003-2014

Националниот центар за собири на Катар (Qatar National Convention Center, 2004-2011) во Доха (Doha) е еден од најголемите изложбени центри на Блискиот Исток со капацитет за 10.000 лица во три главни сали и флексибилни сали за состаноци.  Надворешноста на објектот се повикува на две дрва инспирирани од Сидрат ал Мунтаха (Sidrat al-Muntha).  Станува збор за свети муслимански дрва коишто го симболизираат крајот на седмиот рај.  Овие две изградени дрва ја обиколуваат фасадата на објектот и ја носат стреата на објектот.  Преку внимателен проект и примена на најсовремените технологии за заштеда на водата и енергетска ефикасност, објекот има постигнато егземпларни резултати во доменот на одржливоста.

qncc

Националниот центар за собири на Катар, 2004-2011

Салата на шангајската симфонија (Shanghai Symphony Hall, 2018-2015), била отворена во 2014 година за да се одбележи 135-годишнината на најстариот во Азија, Шангајски симфониски оркестар. Проектот бил изработен во соработка со акустичарот Јасухиша Тојота (Yasuhisha Toyota) особено во однос на проектот за двете сали со капацитет од 1.200 и 400 места каде преку примена на најновите технологии и соодветни материјали  била постигната исклучително избалансирана акустика. Објектот е лоциран во срцето на Француската концесија во Шангај и се наоѓа над локалната метро линија, како резултат на што било неопходно објектот да се постави на амортизери за да се заштити од вибрациите на метрото.  Внатрешните рефлективни плочи се прекриени со плетен бамбус, додека подовите на бината се изработени од дрво од Хокаидо.  Блокови од бела теракота и кинеска градина ја нагласуваат надворешноста на објектот.

sangaj_koncerten_hol

Сала на шангајската симфонија, 2015-2018

Новиот парк за Луцернскиот фестивал (Lucern Fesival Ark Nova) е подвижен објект проектиран од Аниш Капур (Anish Kapoor) и Арата Исозаки, како одговор на природните катастрофи, а по нарачка на Луцернскиот фестивал.  Објектот е во форма на орбита изработена од полиестерска мембрана обложена со поливинил хлорид на надувување која може лесно да се транспортира од една на друга локација.  Оригинално објектот гостувал во Мијаги (Miyagi), регионот на Јапонија погоден од Тохоку (Tohoku) земјотресот и цунамито од 2011 година.  Во 2015 година гостувал во Фукушима, Јапонија, а во 2017 година во Токио. Мобилниот објект може да овозможи претстави од различен вид за публика до 500 места и е станат симбол на духот на обновата.

Се разбира невозможно е на само неколку страници да се прикаже скоро 60-годишниот опус на истакнатиот архитект, урбанист, теоретичар и добитник на Прицкеровата награда за 2019 година Арата Исозаки. Истовремено, би било несоодветно да не се споменат два проекта од почетокот на неговата професионална кариера. Неговиот проект Град во воздухот (City in the Air) од 1960 години претставува рано истражување за нова визија на градот каде повеќеслоен град се надвиснува над традиционалниот град кој се наоѓа на теренот.  Оттука со право може да се каже дека опусот на Исозаки е хетероген и следува патека која тој сам си ја поставил, без да ги следи трендовите во архитектурата.

Скопје и нашата земја треба да се горди на оваа награда на Исозаки, преку која тој е вториот добитник на Прицкеровата награда по Кензо Танге, којшто со своето дело дал придонес кон обновата на Скопје по земјотресот во 1963 година. Имено Арата Исозаки бил член на проектанскиот тим на Кензо Танге којшто во 1965 година работел на Урбанистичкиот план на централното градско подрачје на Скопје.

Арата Исозаки се смета за визионер во рамките на своите меѓународни современици и се истакнува со својот напреден пристап, посветеност кон уметноста на просторот и транснационалниот методолошки пристап, и придонесот кон реинтерпретацијата на глобалните влијанија во архитектурата.  Неговите способности биле презентирани преку мајсторство во интерконтинентален дијапазон на технологии за градба, интерпретација на локацијата и контекстот, и вниманието врз деталот.

Во дел од образложението за доделување на Прицкеровата награда за 2019 година на Арата Исозаки се вели: „Поседувајќи исклучително познавање од историјата и теоријата на архитектурата, и прифаќајќи ја авангардата, тој никогаш не повторува статус кво, туку неговата потрага по осмислена архитектура се рефлектира во неговите објекти кои до денес, ги одбиваат стилистичките категоризации и континуирано еволуираат, и секогаш се свежи во нивниот пристап“.

Тој ја надминува рамката на архитектурата за да постави прашања коишто ги надминуваат ерите и границите“.

Испрати коментар

Scroll To Top