Проектиран од студиото Jean-Paul Viguier Architecture, дизајнот на комплексот за компанијата SFR се базира на метафората „дрво кое доживува континуран раст и обнова, константно адаптирајќи се на надворешните услови и околности“. Обликувањето на волуменот дефинира целина на мешани намени од чија база (универзитетски кампус) се раслојуваат „гранки“, кластери (администрација) кои водат кон тераси, отворени простори и повеќекатни градини.
Принципот на проектирање потекнува од идејата за единство и унија, конципирани во четири главни објекти, истовремено презентирани како единствена целина и засебни простори, со цел да се формира визуелно единство кое би се рефлектирало на една заедничка култура на функционирање на засебните содржини. Сите елементи се меѓусебно поврзани со помош на хоризонтални коридори чија цел е да ги подобрат контактот и комуникацијата помеѓу вработените.
Фокусот е сконцентриран на градење непречена релација со опкружувањето помеѓу работниот простор и специфичната надворешна средина како автентична слика на индустриски пејзаж.
Како клучна компонента во дизајнот се појавува дневната светлина која обезбедува пријатни работни услови и оптимална енергетска ефикасност, постигнати преку наизменична примена на стаклени површини и челични елементи со различни отвори, степени на рефлексија и густина. Фасадата има улога на обвивка која е променлива во зависност од потребата на изложеност на функционалните содржини и заштита од надворешните услови.