АД Електрани на Македонија на својата веб-страница постави специјален банер на кој може да се најдат сите податоци за проектот „Луково Поле“, како и најпоставуваните прашања за системот и одговорите на нив.
Така на прашањето, дали во рамки на земјите од ЕУ има проекти од ваков тип, односно изградба на хидроелектрана во Национален парк, како пример најблиску до нас се посочуваат хидроелектраната во Националниот парк во Австрија – Кölnbrein dam; во Националниот парк Hohe Tauer во Швајцарија; Punt da Gall Dam, Graubuenden во Чешка; потоа Lipno Dam – Националниот парк, Sumana Dam Vranov- Националниот парк Podyji и др.
Едно од почесто поставуваните прашања е и дали изградбата на „Луково Поле“ ќе има негативно влијание врз Дебарското Езеро? Во одговорот се вели дека изградбата на хидросистемот „Луково Поле“ нема да предизвика никакво негативно влијание врз Дебарското Езеро.
„Согласно официјалните податоците од АД ЕЛЕМ за период 1969-2012 за просечни годишни преливи на Дебарското Езеро со изгубената вода од тие преливи би се произвеле 54,136 GWh електрична енергија во ХЕ „Шпилје“. Значи дел од преливите од Дебарското Езеро, кои се изгубена и неискористена вода, ќе се искористат за производство на електрична енергија. Имено, со изградбата на системот „Луково Поле“ од вкупниот прелив во ХЕ „Шпилје“ систем „Луково Поле“ ќе користи 18,48 проценти, и ќе произведе 105,56 GWh“, се посочува во одговорот од АД ЕЛЕМ.
На сајтот се посочува и прашањето дали со проектот „Луково Поле“ се почитуваат критериумите за заштита на животната средина?
Во одговорот на ова прашање стои дека уште од од почетокот на подготвителните активности за реализација на „Луково Поле“ АД ЕЛЕМ работи според најстрогите меѓународни директиви и стандарди за животна средина и нема да дозволи било какво уништување на убавините на Националниот парк „Маврово“. Во таа насока се додава е изработката на Студија за оценка на влијанието врз животна средина што ја изработува реномирана француска компанија, а која наскоро ќе биде финализирана.
Во одговорот на прашањето дали реализацијата на проектот „Луково Поле“ ќе биде во согласност со меѓународните конвенции и дали постои загриженост од евентуални влијанија врз животната средина, се вели дека проектот ќе се реализира исклучиво во согласност со меѓународните конвенции за води, на кои Република Македонија е потписник, како и на повеќе меѓународни договори и директиви во таа област.
Се нагласува дека причина за загриженост од евентуални влијанија врз животната средина не треба да постои, бидејќи проектот е во законски рамки и сите преземени активности се во насока на реализација на квалитетен проект од јавен интерес во кој се запазени постојните еколошки стандарди согласно строгите меѓународни директиви.
Следното прашање е дали АД ЕЛЕМ досега има организирано јавни расправи за проектот „Луково Поле“, на кое следи одговор дека се реализирани повеќе и оти на сите учествувале сите надлежни државни институции, претставници на локалната самоуправа, невладини организации, здруженија на граѓани и претставници од Националниот парк „Маврово“.
На специјалниот банер на сајтот на ЕЛЕМ може да се најдат податоци и за придобивките од реализацијата на проектот „Луково Поле“.
На сајтот е појаснето дека хидросистемот „Луково Поле“ се наоѓа во северозападниот дел на Република Македонија на тромеѓето меѓу Македонија, Република Косово и Република Албанија и оти иницијативите за негова изградба потекнуваат од далечната 1939 година.
Како главна причина за изградба на овој хидросистем е истакнато прелевањето на водата од изградените зафати на „Горна Радика“, а посебно на најголемиот зафат „Црн Камен“.
Се посочува дека проектот „Луково Поле“ е трета фаза од комплетирање на хидроенергетскиот систем Маврово, бидејќи со првата и втората фаза е изграден веќе постојниот ХЕС „Маврово“.
„Хидросистемот ќе биде надградба на постојниот Мавровски систем. Овој хидросистем се состои од доводни тунели и канали во должина од 13 километри, пет зафатни градби, акумулација и МХЕ „Црн Камен“. Проектот „Луково Поле“ вклучува изградба на акумулација со вкупен корисен волумен од 34.830.000 метри кубни вода, лоцирана на спојот на Корабскиот и Шарпланинскиот масив на висина од околу 1.500 метри. Поголемиот дел од зголеменото производство од овој хидросистем „Луково Поле“ ќе се реализира преку постојните Мавровски хидроелектрани „Вруток-Равен-Врбен“, а еден помал дел, преку новата мала хидроелектрана „Црн Камен“, стои на сајтот на ЕЛЕМ.