Наречена Bermondsey Warehouse Loft, оваа станбена единица е сместена во стар индустриски објект кој во минатото функционирал како фабрика за цинк и калај, но во денешно време опслужува канцелариски простори и апартмани.
Иницијалната идеја на сопственикот била при реновирањето да се направат минорни измени, но работата на архитектонското студио Form Design Architecture резултирала со реорганизација на целокупниот простор, креирајќи дом инспириран од њујоршкиот индустриски стил на обликување и конверзија во современ ентериер.
При реорганизацијата на просторот, постоечките партиции биле целосно отстранети за да се создаде единствен простор, каде различните функционални содржини се организирани во различни катчиња зависно од потребите на сопственикот (спиење, вежбање, јадење, релаксација и работа), секое со соодветно обезбедено осветлување.
Единствениот колоритен сегмент при ентериерното уредување е подната обработка изведена од борови подни штици, додека остатокот од просторот е „излеан“ во бела боја.