Насловна / Вести / Скопје ќе се подели на 162 квартови

Скопје ќе се подели на 162 квартови

rsz_skopje-novo-2
Скопје ќе се подели на 162 градски квартови, а тие понатаму ќе бидат поделени на блокови од 10 до 30 хектари, пишува „Нова Македонија“.
Новиот, генерален урбанистички план на Скопје нема да значи територијална поделба на градот, туку има за цел олеснување на работата на општинарите и полесно усвојување на деталните урбанистички планови, велат од градската управа. Секој кварт ќе претставува посебна целина, но повторно ќе биде во надлежност на општината на која ѝ припаѓа. За разлика од европските метрополи, како Париз или Лондон, каде што квартовите претставуваат посебни територијални единици на локалнaтa самоуправа, скопските квартови ќе претставуваат само урбанистичка поделба на градот.

Во големите европски метрополи квартовите се централизирани единици со посебен правен статус, на чие чело стои началник, именуван од градоначалникот, додека кај нас не е предвидена посебна управа на квартовите и за нив ќе се грижи општинскиот градоначалник. Минатата година координаторите на ГУП истакнаа дека откако ќе се усвои генералниот план, деталните урбанистички планови ќе се прават за големи површини до 300 хектари. Претседателот на групацијата за градежништво при Стопанска комора, Никола Велковски, рече дека е подобро квартовите да бидат поделени на блокови и да се прави детален план за помали површини, за квартовите да бидат мобилни и да ги задоволуваат потребите на граѓаните.

Испрати коментар

Scroll To Top