Насловна / Форум / Пластична операција Скопје 2014

Пластична операција Скопје 2014

plasticna_operacija_skopje_2014.jpg

По катастрофалниот земјотрес во 1963, Скопје станува синоним за солидарност, пример за взаемна поддршка – отворено да прими помош, совети и идеи, кои се клучни елементи во неговото тогашно обликување. Распишан е домашен, но и интернационален конкурс за новиот лик на главниот град, на кој победува јапонскиот архитект Кензо Танге со солидни стручни аргументи. 
Со ова, Скопје му покажува на светот дека е подготвено за промени и чекори по добар пат да стане симбол за остварување на модерна визија. Денес, Скопје повторно станува градилиште. Не поради некаква катастрофа, едноставно поради нечија себична визија и желба за промени, со цел создавање на некаков идентитет и покрај тоа што идентитетот е круцијална тема за која не треба избрзано да се носат одлуки. Овој пат не постои отворено Скопје, не постои транспарентно Скопје, не постои Скопје кое ќе ја продолжи некогашната модерна визија.
 
Она што Скопје полека станува е сосема спротивното. Град затворен за надворешна помош, совети и идеи. Егоцентричен град, град на исмев, раздор и немир, град кој нè само што не покажува надградување на својата историја, туку град кој покажува урбана дезинтеграција и оттуѓување од своето културно наследство. Постојат премногу аспекти од кои може да се почне за да се објасни неадекватноста на овој смешен фејс- лифтинг, но нас како архитекти не интересира она што е архитектура, со сите свои функционални, технолошки и формално-естетски квалитети. Оние што се лути на сите архитектонски експерименти кои биле правени во Скопје, безуспешно обидувајќи се за првпат да вметнат цврст идентитет и кои сметаат дека во моментов минатото е понеизвесно од иднината, несвесно станаа носители на новата еклектичност.
Иако архитектурата во минатото можеби не била секогаш слободен израз поткрепен со достапни материјали и ресурси, денес треба да е сосема нормално таа да е олицетворение на демократски, визионерски и индустриски капацитети, кои можат да го поткрепат нејзиниот сложен стилско- технички, социо-културолошки и општествено-економски склоп. Воедно, поради тоа што без да бидат распишани отворени конкурси за деталниот урбанистички план и поради тоа што се игнорира секаков обид за стручна соработка и детална анализа, донесени се инстант-барања со наметнати решенија кои драстично ќе го редефинираат постоечкиот урбанистички просторен концепт. Па оттаму, може да се каже дека проектот е смешен, наивен, дрзок, суетен и апсолутно непромислен.
 
Наместо Скопје кое ќе биде лулка на прогресивни идеи, слобода на мисла, уникатност на дизајн и желба за културен континуитет, ние добивме Скопје – град на молк, во кое се загушува секаков обид за стручна дебата и изнесување на јавни мислења и фрагментиран град во кој се создава конфликт, раздор и лутина помеѓу неговите жители.
 
Со присилно диктирање и канонизирање на неговата формална структура, Скопје во целост ќе стане пример за нечија остварена ретроградно- конзервативна замисла поткрепена со силна политичка димензија. Доколку за оваа деликатна тема се обидеме сосема наивно да направиме споредба помеѓу медицината и архитектурата, тогаш може да се каже дека без обид за дијагностицирање на заболената психолошко-физичка состојба на градот, успеваме да направиме доста скапа хируршка интервенција. Како што пластичната операција не може да го сокрие карактерот на човекот зад неговото ново лице, така и ние пред светот нема да можеме да се сокриeме зад нашите нови фасади.
 
Сето ова напластување и пумпање на градот треба да не потсети дека додека ние се чудиме на прекумерната употреба на силикон во блискот Запад, некој успева да вбризга ботокс и во нас. А оние што сè уште не успеваат да разберат зошто целиот овој пристап кон создавање на ново Скопје е навредлив, тогаш одговори треба да се бараат во образовниот систем. Ако нашите училишта можат да не учат на основите на спортот, музиката и уметноста, тогаш очигледно недостасува предмет кој би се викал основи на архитектурата за општо образование. Оттаму, може да се каже дека замислата на проектот е во целост необразованост на најосновно ниво. Не смееме да заборавиме дека архитектурата не треба да биде тренд. Таа има за цел да биде пред своето време, а сепак максимално да ги користи ресурсите и можностите што ги нуди сегашноста и она што го градиме денес треба до некој степен да го оправдаме пред идните генерации. Скопје 2014 е анахронично и нелогично. Својата цел се обидува да ја оправда преку нешто што никогаш не постоело во нашиот град, нешто што е туѓо, безчувствително, синтетичко и концептуално неосновано, со кое не се идентификуваме и со кое не сакаме да се идентификуваме. Затоа сметам дека за крај е соодветно да се искористи изреката на Ајнштајн: “Само две работи во светот се дефинитивни – универзумот и човековата глупост…а за првата работа не сум сосема сигурен.”
 
Симона Веселинска,
студент на Архитектонски факултет – Скопје 

Испрати коментар

Scroll To Top