Хонг Конг е веќе толку скап за градба, што купувањето на стан е привилегија само на многу богатите. Затоа, архитектите се досетиле да градат мали куќички кои се ограничени на само десет квадратни метри. Ваквите куќички се изградени од бетонски водоводни цевки. Во изминатите седум години, Хонг Конг го држи приматот на најскап град на светот за купувачите на куќи, пишува Business insider.
James Law, архитект од Хонг Конг, смета дека неговите микро-домови би можеле да помогнат во ублажувањето на станбените кризи во градот. Неговите креации воопшто не се типични, но нивниот ентериер ги содржи сите погодности на модерен дом. Иако дизајнот на куќичката во моментот е само во фаза на прототип, Law истакнува дека во иднина планира да ги продава, а неговиот тим бара дозволи за отпочнување на изградбата. Како планирани локации се споменуваат неискористените простори помеѓу згради, кај бродоградилишта, па дури и под автопатишта. Секоја куќичка чини по 15.000 УСД. Тоа не е ефтино, но е многу поефтино од просечната цена на нов дом во Хонг Конг. Имено, стан од шеесетина квадрати во овој град чини неверојатни 1,8 милиони УСД.