Градежните работи на тврдината Цареви Кули во Струмица ќе почнат овој месец. Се работи за втора фаза од проектот „Наследство“, кој предвидува обновување на Цареви Кули, односно реставрација и делумна реконструкција на северната и јужната кула во висина од 11 метри, потоа конзервација на југозападната кула со изградба на градобрани, како и реконструкција на бедемите што ги опкружуваат овие кули во вкупна должина од околу 40 метри.
Проектниот тим одговорен за спроведување на проектот „Наследство“, кој работи во три институции во Република Македонија и Република Грција, интензивно ги спроведува активностите од истоимениот проект, финансиран со средства од Европската Унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Грција.
Главни цели на овој проект се промовирање на атрактивноста на прекуграничниот регион Струмица – Кукуш за туристите и инвеститорите, зголемување на ефикасноста на практичната работа и создавање на силно партнерство за одржлив економски развој во прекуграничниот регион.
Во изминатиот период од страна на општина Струмица, како носител на овој прекуграничен проект, беа спроведени повеќе активности.
Проектот е финансиран од Европската Унија во износ од 944.659,50 евра.