Од Здружението за заштита и зачувување на интегритетот на село Лагадин – “СТАР ЛАГАДИН” – Скопје соопштуваат:
Со вчудоневиденост и индигнација ја проследивме јавната вербална комуникација на премиерот Заев со инвеститорот на спорниот хотел во Лагадин на организираниот настан во Охрид „Силна економија – шанса за сите“ со која сметаме дека тој отворено се стави во улога на поттикнувач на еден од најтешките облици на корупција и криминал кој ние граѓаните на оваа земја го именуваме како градежна или урбанистичка мафија. Видовме и слушнавме како премиерот му ветува на „чичко Никола“, со кого си разменувале приватни смс-пораки, дека тој лично ќе се погрижел градбата на неговиот криминален хотел непречено да продолжи.
Кон крајот на 2015г. од страна на криминалните структури на тогашната власт на локално и државно ниво незаконски беше суспендиран постоечкиот урбанистички план за населбата Лагадин со донесување на т.н. Општ акт со кој, со игнорирање и прекршување на дузина законски и уставни одредби, се овозможи не само почнувањето на градбата на овој хотел туку и натамошна тотална урбанистичка деструкција на населбата Лагадин со која населбата неминовно ќе претрпи трансформација налик на онаа која се му случи на скопското Дебар маало.
Нашето Здружение во април 2017г. покрена инцијатива во Уставниот суд за поведување на постапка за оценување на законитоста на Општиот акт за с.Лагадин и негово поништување. Иницијативата ја поткрепивме со експертиза на врвен експерт и судки вештак од областа на урбанизмот како и правно мислење на реномирана адвокатска канцеларија. Произнесувањето на Уставниот суд очекуваме да се случи набргу, во текот на овој или наредниот месец. Напоменуваме дека поништувањето на Општиот акт ќе подразбира и отстранување на градбата на тој хотел.
Не можеме да веруваме дека премиерот не бил запознаен со оваа околност, бидејќи со неа го имаме запознаено министерот Сугаревски кој беше исто така присутен на настанот во Охрид.
Убедени сме дека правото и правдата се на наша страна и дека нашите сегашни и идни заложби се придонес во справувањето со корупцијата и сето она кое го перцепираме како градежна мафија, која со уништување на крајбрежјето со хиперурбанизација сериозно го загрозува статусот на Охридскиот регион како светско наследство на УНЕСКО.