Проектот за детската библиотека Niños Conarte дефинира уште еден сегмент, кој во модерен израз ја надополнува уникатната илустрација на индустриска археологија, распространета во централниот парк на Монтереј, Fundidora.
Основната цел на архитектонското студио Anagrama претставува креација на простор оплеменет со љубовта кон читањето и едукацијата од страна на младата популација.
Програмата на библиотеката е сместена во внатрешноста на поранешен склад кој како историски индустриски објект е заштитен од државата. Затоа дизајн концептот се стреми кон задржување на природниот израз на објектот, истовремено потенцирајќи ја неговата недопрена археологија.
Просторот е организиран со помош на мултифункционални, асиметрични платформи за читање кои ја симулираат ридестата топографија на градот. Елементите за книги служат како динамичен простор за играње и учење, со цел да ја поттикнат имагинацијата на децата и да го зголемат комфорот при читање. Колоритната геометриска естетика на инсталациите се појавува како контраст на индустрискиот, историски дух на објектот, надополнувајќи ја пријатната и несекојдневна атмосфера во внатрешноста.