Градот Охрид се најде на листата на најдобри мали градови во Европа што треба да се посетат во текот на 2014 година. Еден од највлијателните портали за патување Globalgrasshopper, во соработка со Hotel.info, избра 52 живописни мали места од цела Европа, а посетителите на двата сајта ќе гласаат кој ќе биде победникот. За 26 града, меѓу кои е и Охрид, се гласа на страницата Hotel.info, додека за останатите се гласа на Globalgrasshoppera. Посетителите треба да изберат меѓу еден од двата спротивставени града. Конкурент на македонскиот град Охрид му е унгарскиот Егер.
„Езерото Охрид е еден од најубавите предели во Македонија, затоа не сме изненадени што токму овој град е најфотографираниот и тоа благодарение на малата црква што се издигнуваат над езерското синило. Црквата се вика Свети Јован Канео, а фотографијата со неа е меѓу најпопуларните слики од Македонија. Додека се шетате низ камените плажи ви се јавува чувство на спокој, а кајчето што нежно се лизга по водите ќе ве однесе до манастирот што има прекрасни слики на своите ѕидови. Барате релаксација? Ја најдовте!“, стои во описот за Охрид.
Oд туристичките дестинации во поранешна Југославија се најдоа хрватскиот остров Хвар и градот Дубровник, црногорскиот град Котор, словенечките Блед и Пиран и босанскиот град Мостар.
Гласањето трае до 14-ти февруари, до кога можете да го дадете својот глас за Охрид.