До крајот на месецов треба да се отвори постојаната поставка во Музејот на современата уметност и конечно, по 24 години, повторно ќе бидат изложени вредните дела од домашната, но и од светската уметност што беа затворени во депото.
„За десетина дена ќе информираме за точниот датум кога ќе се отвори постојаната поставка. На отворањето нема да бидат изложени сите дела одеднаш, но изложбата ќе ги опфати највредните дела што ги донирале големите имиња, како и најзначајните ликовни уметници од македонското современо ликовно творештво“, изјави Елиза Шулевска, директорка на МСУ.
Во Музејот на современата уметност нема постојана поставка од 90-тите години. Во изминатава година се реновираше галерискиот простор во горниот дел на музејот од 1.500 квадратни метри. Со санацијата практично беше овозможено да се изложат вредни дела, кои поради несоодветни услови во галерискиот простор се чуваа во музејските депоа.
– Реновирањето и санацијата на галерискиот простор се речиси готови, подготвени сме за свеченото отворање на оваа изложба на која првпат по долго време од депоата ќе бидат извадени врвни уметнички дела и ќе ѝ бидат презентирани на јавноста – вели Шулевска.
Вредната колекција на МСУ, која веќе две децении се чуваше во депото на музејот, има повеќе од пет илјади ликовни дела од домашни и од странски уметници, меѓу кои и дела од најголемите сликарски имиња на своето време: Пикасо, Калдер, Вазарели, Хокни, култната збирка на графики на чешките кубисти, чии дела се изложувани исклучително ретко. Националната збирка на МСУ овозможува и следење на развојот на ликовната уметност во Македонија од појавата на првата генерација современи ликовни уметници-родоначалници на македонската модерна до актуелни дела. Меѓу застапените се: Димитар Пандилов-Аврамовски, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Димитар Kондовски, Ристо Лозаноски, Петар Мазев, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Танас Луловски, Јордан Грабулоски, Анета Светиева и многу други.
Досега неколкупати се одложуваше отворањето на постојаната поставка во МСУ. Последната најава беше за втората половина на минатата година, но реновирањето на галерискиот простор го одложи најавениот термин.