Насловна / Арт и дизајн / Климт/Шиле: Цртежи од Музејот Албертина во Виена

Климт/Шиле: Цртежи од Музејот Албертина во Виена

Поводот на изложбата, Климт/Шиле: Цртежи од Музејот Албертина во Виена, што е отворена од 4-ти ноември лани и трае до 3-ти февруари годинава, и е во Кралската академија во Лондон, е 100-годишнината од смртта на двајцата уметници, што патем коинцидира и со јубилејот од потпишувањето на примирјето што става крај на Првата светска војна. Пустошот што зад себе го остави овој безумен конфликт воедно го потврди (зацементира) и историскиот колапс на Австроунгарската Хапсбуршка Монархија. Повеќе од 120 цртежи од колекцијата на Албертина Музејот во Виена се изложени во само неколку простории. Насловот на изложбата претполага еднаква застапеност на цртежите на Климт, но Шилеовите дела се присутни во многу поголем број.

izz

Двајцата уметници се најпознатитеавстриски сликари од почетокот на 20 век. Постариот е основач и главен експонент надвижењето Сецесија, а помладиот е следбеник и восхитувач на делото на Климт, кој по смртта на својот „духовен“ учител ќе го преземе за сосема кусо време приматот како неговнаследник. Климт формално припаѓа на правецот симболизам во уметноста, наоѓајќиинспирација во делата на Одилон Редон, Јан Торп, Пол Гоген, но и во Равенските византиски мозаици и во јапонските графики и текстил. Мотото на новото уметничко здружение, блиско по сензибилитет на интернационалните Арт Нуво, Југендстил и Модернизмот: „На секое време му припаѓа својствена уметност. На секоја уметност и е потребна слобода“ го објаснува копнежот на основачките членови да ја воведат зачмаената во академизам австриска уметност во 20-тиот век. Нивниот стремеж да им се доближат на модерните текови во европската уметност се видливи во делата изложени на редовните изложби и репродуцирани во нивното гласило Ver Sacrum (публикувано во Виена помеѓу 1898 и 1903). Цртежите и литографиите за Вер Сакрум и постерите за годишните изложби на Климт се првите дела изложени на изложбата. Теми преземени од класицистичкиот академски репертоар милуван во тогашните високи уметнички школи, во рацете на Климт се стекнуваат со една нова стилизираност и едноставност полна со симболика, спротивна далеку од традиционалниот неокласицизам.

sec

Г. Климт, Постер за 18-та изложба на движењето Сецесија, (1903-04 г.)

ИНСПИРАЦИЈА ОД ЖИВИ МОДЕЛИ

Густав Климт е роден во 1862 во Баумгартен во близина на Виена, во талентирано семејство, чија егзистенција зависела од привремените и ретки порачки на неговиот татко златар – имигрант од тогашна Бохемија (Чешка). Густав заедно со братот Ернст студира на штотуку отворената Школа за применета уметност, каде се обучува не само во тајните на сликарството туку и во мозаик, фрескосликарство и други техники. Во 80-тите години на 19 век со брата си и со Франц Маш добиваат официјални и државни порачки за ѕидната декорација на резиденцијата на Франц Јосеф I и за плафонот на Бург театарот. Овие јавни порачки го откриваат талентот на младиот Климт, но тие се изведени и сè уште му припаѓаат на академскиот стил кој е длабоко вкоренет во буржоаска Виена. Спротивно од востановените норми, младиот Густав Климт ја започнал кариерата со значајни институционални порачки како насликаниот плафон на големиот аудиториум во Виенскиот универзитет, со алегориските слики Филозофија, Медицина и Право (т.н. факултетски слики).

klimt_medicina

Г. Климт, Скицата за „Медицина“

Скицата за Медицина (околу 1900 г.), со зачетокот на она што подоцна ќе биде фигурата на Хигеја во прв план, покажува дека Климт користи и црпи инспирација од живи модели, но тие се во контекст на симболиката на сцената и нивните извиени тела, необични скратувања и синусоидни екстремитети се во функција на централната алегориска идеја.

Припремите за делото„Медицина“ биле шлаканица врз угледот на лекарската професија и провокација бидејќи неговата интерпретација дека староста, болеста и смртта се неизбежна епизода во животниот циклус е очигледна. Ласцивните женски тела ќе ја шокираат конзервативната виенска публика и овие алегориски сцени кои како јавна порачка во јавен простор никогаш нема да бидат изведени, 45 години подоцна на самиот крај на војната ќе бидат брутално уништени од хитлеровите сили.

klimt_akt

Г. Климт, Стоечки женски акт (студија за трите Горгони, Бетовенов фриз), 1901

Лелеави, флуидни фигури, често во дијагонална положба, понекогаш лачно извиени до максимална тензичност која преминува во сензуален еротицизам се дел од припремните скици за Бетовеновиот фриз насликан во новоизградениот наменски простор за зградата на движењето Сецесија. Ликот е почесто симбол – стоичен, а поретко експресија: навалена глава, срамежлив поглед настрана, бледа насмевка. И кај Климт експресијата на ликот е во позата и стилизираното движење на екстремитетите, ковчестите раце, но нивната експресија е одмерена, најчесто попречена од линијата – граничник, меѓа на телото. Кај портретите има скудно движење, скоро конзервативна статичност, кај алегориските и симболични теми, извиеноста на линијата добива полн замав.

klimt_zen_figura

Г. Климт, Женска фигура во профил со лелеава коса, Студија за скицата во масло „Медицина„,
детаљ, 1897-98
Г. Климт, Пар во прегратка, Студија за „Овој бакнеж кон целиот свет„ Бетовенов фриз, детаљ,
1901

И додека суптилниот, емотивен цртеж навлегува длабоко и ги истражува чувствата, дводимензионалната декоративност на Бетовеновиот фриз е очигледна. Во клима на интензивно преиспитување на најинтимните мисли и најдлабоки чувства поттикнати од публикацијата на Фројдовата книга „Интерпретација на соништата“, Бетовеновиот фриз е изблик на длабок човечки копнеж, кој е впрочем исполнет преку потрагата на индивидуата, но и човештвото кон љубов и заедништво и кој кулминира во „чиста радост“.

klimt_bret_friz

Г. Климт, „Непријателски сили„ Бетовенов фриз, детаљ, централен ѕид, комбинирана материјал врз
малтер, Галерија Сецесија, 1901-02

Климт не припаѓал на категоријата сиромашни, непризнаени артисти, иако одвреме навреме ја скандализирал јавноста со модерните интерпретации на алегориските сижеа и слободоумниот приватен живот во студиото полно со модели, љубовници и партнерка. Тој сепак уживал во угледот што го имал меѓу богатите патрони и бројните приватни портретни порачки од сопругите на високата средна класа. Но истовремено се борел со малограѓанскиот менталитет и конзервативност на престолнината преку исклучително индивидуална уметничка експресија. Суптилната, ефемерна линија Климт ја користи за да ги долови и истражи душевните состојби низ експлицитни пози и гестови. Напуштајќи го академското тонално моделирање на фигурите во корист на рафинирани, меки, но и раздвижени контури, тој создава, со неколку нежни потези, статуескни портрети на модерни, ведри, елегантни и рафинирани жени.

klimt_ljubovnici

Г. Климт, Стоечки љубовници, 1907-8

klimt_ria_munk

Г. Климт, Студија за Риа Мунк II, детаљ,1917

НЕКОНВЕНЦИОНАЛНОСТА НА ШИЛЕ

Неговиот следбеник и помлад колега Егон Шиле е роден во провинцијалниот град Тулин во 1890 и уште во адолесцентно доба бил шокантно повлијаен од смртта на татко му.

Богатиот вујко Леополд Чихачек, кој бил по потекло од јужна Чешка, бил долго време главниот старател на младиот Егон и од голема помош додека студирал. Во 1906 година Шиле ги почнува студиите на престижната Академија за визуелни уметности, како најмлад студент во генерацијата, што сведочи за големиот талент што кај овој млад човек го култивирал неговиот учител по цртање.

sile_akt

Е. Шиле, Лежечки женски акт, 1908

За разлика од постариот уметник, неконвенционалноста на Шиле, неговиот слободоумен дух и ласцивниот живот ќе придонесат лошата репутација да го следи до последните години на неговата кариера.

Ако за Климт цртежот имал припремна улога, за Шиле цртежот бил независно автономно дело.

sile_procisten

Е. Шиле, Не се чувствувам казнет туку прочистен, 20
Април 1912.

Обајцата го претвориле цртежот во експериментален експресивен чин, што ни овозможува нам како гледачи да формираме нова интимност со делото, до степен на пристрасност. Тој неретко користел боја, но тоа е брзопотезно нанесен намаз: понекоја усна, витка коса, брадавица, чорапи или кошула. За Шиле примарен е цртежот. Грчевит, нервозен, наместа испрекинат, често недовршен. Изразот на лицето е претворен во нем крик, агонија, болка што е особено видливо кај бројните автопортрети. Телата се суви, изнемоштени, костурести, а дланките се формирани од ковчести, долги, слаби прсти, кои излегуваат од контурите на телото. Кршливите контури на Климт се претвораат во запаливи, вжарени граници и акцентот не е само врз лицето и рацете, туку и на екстремитетите и торзото, но како и кај цртежите на Климт, позадината е занемарена и непостоечка.

sile_akt1

Е. Шиле, Женски акт, 1910

Освен фигурална уметност, на изложбата се присутни и голем број пејзажи на Шиле, кој очигледно како и кај Климт претставувале значителен дел од неговото творештво. Овие пејзажи се штури и во форма и во колорит, но полни со силна графичка линија. Нервозниот потег се надзира и во пејзажните скици и акварели, но тука е пригушен и зауздан, благодарение на субјектот.

sile_akt2

Е. Шиле, Црнокосест женски акт, 1910

Во конзервативното тесноградо општество кое се соблазнувало на неговиот неконвенционален животен стил, Шиле се соочувал со предрасуди и неодобрување, што во 1912 ќе кулминира со затворска казна за киднапирање и заведување малолетно лице и неморалност. Од денешна морална перспектива тешко можеме да ја оправдаме одбраната и да се соочиме со обвинението со кое се товари Шиле, но во првите децениии на 20-тиот век, кога не само жените, туку ни децата не биле поштедени од принуда и секс без согласност. Во почетокот на кариерата, како сиромашен млад уметник, неговите секојдневни модели, кои често позирале голи, биле членови на неговото семејство, блиски пријатели, љубовници, проститутки, сиромашни улични деца како и неговиот сопствен одраз во огледалото.

sile_akt3

Е. Шиле, Стоечки женски акт со зелено здолниште, 1913.
Е. Шиле, Седнат женски акт со едниот лакт потрен на коленото,
детаљ, 1914

Директното соочување со Шилеовите претпубертетски актови е тешко и мачно, и неговото творештво неправедно го следат епитети како порнографско, но неговиот радикален пристап кон човечката фигура отвора нови патишта за интерпретирање на женската сексуалност. Неговите женски модели се сигурни во себе, слободни, нивниот поглед е директен, а во истовреме од нив извира емоционална длабочина и сензуалност.

sile_3devojcinja

Е. Шиле, Група од три девојчиња, 1911

Заемната почит кои овие двајца сликари ја имале за себе има рефлексија и во нивните дела, при што позајмиците на Шиле од Климт се посуштествени, имаат огромно влијание и се иницијалната каписла која ќе ја задвижи неговата кариера, а она на Климт од Шиле во доцен изблик на ревитализирана енергија. И најпосле, Густав Климт во крајна линија е салонски сликар, иако очигледно и до срж модерен, иследувањето на човечката психа присутно во делата, а пред сè цртежите на Шиле ја антиципираат погубноста и егзистенцијалниот крах на моралните вредности на човештвото на залезот на Првата светска војна.

Автор: Д-р Петрула КОСТОВСКА, историчар на уметност

(Специјално за Порта 3 од Лондон)

sile_mazi

Е. Шиле, Двајца мажи, детаљ, 1913
Е. Шиле, Стоечки машки акт гледан одзади, 1911

Испрати коментар

Scroll To Top