Холандскиот град Ротердам наскоро ќе ги прошири своите капацитети за производство од обновливи извори на енергија, со најголемата ветерна турбина на светот. Ветерната турбина со моќност од 12 MW, наречена Haliade-X, е развиена од страна на компанијата GE Renewable Energy. Нејзиниот прототип ќе биде поставен во Ротердам ова лето, а потпишаниот договор опфаќа пет години пробен период и петнаесет години експлоатација и одржување.
Кога ќе биде изградена и пуштена во работа, Haliade-X ќе ја превземе титулата за најголема и најмоќна ветерна турбина од моделот на производителот MHI Vestas со моќност од 9MW, која е поставена во Абердин, Шкотска. Haliade-X е предвидена за офшор изведба, но поради полесен пристап во текот на тестирањето, во прво време ќе биде монтирана на копно.
Компаниите вложуваат средства во се поголеми офшор турбини, бидејќи тие можат да „фатат“ повеќе ветер и да произведат повеќе енергија. Ова својство нa џиновските ветерни турбини е посебно привлечно за инвеститорите, бидејќи се поедноставува управувањето и се намалуваат трошоците за одржување по единица инсталиран MW.