Насловна / Вести / Скапоцена круна на врвот Златоврв

Скапоцена круна на врвот Златоврв

Велат дека манастирот Трескавец ти го одзема здивот двапати. Првиот пат, ако се качуваш од Маркови Кули и одиш пеш по стрмната планинска патека речиси два часа и вториот пат, кога си веќе горе, дојден пеш или со возило сеедно, и гледаш наоколу. Прекрасниот поглед што се пружа оттаму над Пелагонија, ти го зема здивот.

_DSC7306

Поставен високо на планинскиот врв, на висина од 1.422 метри, во средината на пелагониската рамнина, манастирот Трескавец во континуитет од илјадници години е средина на духовниот живот на народот населен на овие простори. Тука се кријат многу тајни закопани во вековите што поминале. Човековото присуство испишано е на секоја карпа во околината. Манастирските ѕидини во себе ја кријат црквата посветена на Успение на Пресвета Богородица, манастирскиот конак и трпезаријата. Стојат тука со векови, како некаква круна поставена на врвот Златоврв. Оттука може непречено да се набљудува хоризонтот. Многумина тука го наоѓаат својот духовен мир, како и предизвикот да остварат некаква комуникација со Бога. На симболичен начин манастирскиот комплекс ја отсликува нераскинливата врска меѓу човековите чувства и наследството од минатото.

_DSC7278

Постојат многу легенди и историски факти за манастирот. Некои се вистинити, а некои се само приказни кои ги распалуваат мечтите. Толку многу зборови се напишани, а сепак, чиниш како малку да е кажано. Би можел да ви зборувам за звукот на тишината, за убавината на овие груби карпи наоколу, за прекрасниот поглед, за близината на небеската шир, за декодирањето на мистичната криптографија на секоја педа од оваа прекрасна планина . Многу може да се зборува!

_DSC7284

Кога ќе се искачите на Златоврв и ги допрете ѕидините на манастирот, ќе ви се пристори дека однекаде ги слушате молитвите на стотиците монаси, кои овде живееле и работеле низ вековите, ќе ја почувствувате можеби нивната вера во тишината на манастирските ѕидови и ќе го разберете мозаикот наречен Трескавец, станувајќи во еден момент и вие дел од овој мозаик.

_DSC7280

Остатоците од тврдината околу манастирот, некрополата Гумење, гробовите врежани во карпите, трагите на остатоци од предметите низ платото Златоврв, нишите изградени во западниот ѕид на црквата, како и оние што се расфрлани наоколу, сведочат дека таму постоел храм посветен на боговите од Олимп, Аполон и Артемида. Фактот што овде се пронајдени поголем број споменици со натписи, кои упатуваат на некогашните жители, на нивните култови, во голема мера значи дека овде имало населба која била во редот на позначајните на овие простори. Дали можеби заради светилиштето посветено на античките богови? Токму на остатоците од спомениците пронајден е натпис со името на населбата од антиката, која се нарекувала Колобаиса и која постоела под Златоврв повеќе од 800 години. Врз темелите на античкиот храм изградена е првата христијанска црква која датира од периодот помеѓу 5 и 6 век. Најголемиот дел на црковната архитектура што е видлива и денес е од крајот на 12 и почетокот на 13 век.

_DSC7273

Манастирот поседува вредни уметнички предмети. Трпезаријата со својата импресивна камена маса тешка повеќе од два тона со камени седишта, како и кујната, се објекти изградени во 14 век. Двокрилната врата со плитка резба поставена на западниот влез во нартексот на црквата, направена е во 16 век и е врвен дострел на македонското средновековно резбарство кое ѝ припаѓа на познатата Слепченска резбарска школа. Олтарот во црквата е украсен со икони и се исправа пред верниците како таинствена врата зад која молчаливо стојат спомените на изминатите векови. До крајот на 16 век забележани се големи активности и во копирањето на ракописи. Речиси сите балкански владетели и достоинственици од средниот век имале голема почит кон манастирот. Фреските во црквата се од различни периоди. Сликарството на византиските императори Михаил VIII Палеолог (1259-1282) и неговиот син Андроник II Палеолог Постариот (1282-1328) над влезот, укажува на нивното ктиторство на манастирот.

_DSC7217

Црквата е еднобродна градба, со тристрана олтарска апсида поставена на исток и странични капели.  Во 14 век ја обновиле српските владетели кралот Милутин како и царот Душан. Манастирот е граден и обновуван во византиски стил. Од периодот на владеењето на српските владетели зачувани се фрески од 14-тиот век, чиј ктитор бил царот Душан, со илустрации на црквениот календар, потоа фреските на доградениот параклис, како и на фасадата на егзонартексот од 15 век, па сè до 19-тиот век, кога била насликана слепата калота во нартексот. Во калотата на северозападната купола насликан е Исус Христос како цар над царевите во современа носија од тоа време. Околу централниот медалјон во круг се насликани девет ангелски хорови, додека пред нив, во одежда на византиска царица, со круна на главата, стои Богородица покрај празниот престол. Благодарејќи на култот на Богородица манастирот Трескавец во средновековниот период бил центар на ходочастие и поклонение, кое покрај обичниот народ го посетувале и царски семејства. Малата пештерска црква во близина на манастирот и остатоци на испосница наговестуваат одредени облици на испосничкиот живот.

_DSC7216

Во манастирот се случиле три катастрофални пожари!  Во 1867 година бил првиот за кој се знае, потоа во 1990 година и последниот во февруари 2013 година. Последниот пожар целосно ги уништи манастирските конаци. Манастирскиот комплекс Трескавец спаѓа во групата на 100 најзагрозени споменици на културата во светот. Веднаш, по последниот пожар, се почна со расчистувањето на изгорените делови и правење на асфалтен пат кој води до манастирот. Заводот за заштита на спомениците и Музеј Прилеп направија  проект за обемни конзерваторско-реставраторски работи со целосна реконструкција на конаците. Изведувач на работите е српската фирма „Кото“ од Белград, една од најреномираните за реконструкции на ваков вид објекти во источна Европа.

_DSC7253

Реконструкцијата на целиот манастирски комплекс требаше да заврши кон крајот на оваа година, но работите ќе продолжат и идната година. За самата реконструкција и за начинот на изведба, повеќе во наредниот број.

Преубавата природна сценографија околу манастирот Трескавец на режисерот Милчо Манчевски му билa инспирација за некои од сцените во неговите филмови. Околината на манастирот Трескавец ја користи и денес за снимање на својот најнов филм со наслов „Врба“. „Пред дождот“ доживеа светска слава и цел свет можеше да ги види убавините на пределот околу манастирот. Денес во духовен мир и тишината на манастирските конаци живее отецот Калист. Било да сте верник или вљубеник во природата, манастирот Трескавец е вистинската локација, место кое секако, барем еднаш треба да се посети, да се уверите во сите приказни за него раскажани, да се уверите дека е навистина скапоцена круна поставена на врвот Златоврв!

Испрати коментар

Scroll To Top