Насловна / Арт и дизајн / Вешта обработка на фигуративните мотиви

Вешта обработка на фигуративните мотиви

Повод за овој краток осврт е самостојната изложба на Благој Чушков (роден во 1936 година) која го потврдува континуитетот во неговото творештво. Чушков по завршувањето на Уметничката школа во Скопје студирал на Академиите за ликовна и применета уметност во Белград, Софија и Ленинград (Петроград). Дипломирал во Белград во 1967-1968 година (години на студентските немири).

1

На изложбите на Друштвото на ликовните уметници учествува од 1970,  а од 1971 година ги организира неговите самостојни изложби во земјата и светот (во Лондон, пред сè). Тој рано се определува за теракотата како вајарски материјал кој со своите специфичности одговара на првата замисла и творечките поттици на Чушков. Неговите дела се карактеризираат со сигурна техника и вешта обработка на фигуративните мотиви. Во нив, со примена на личен експресивен манир се внесени елементи од изворната ликовна и применета традиција, како и одделни формални белези од т.н. примитивна пластика на старите неевропски култури (Лепенски вир, јужноамериканските култури, сè до руските бабушки итн.). Од неговото творештво би издвоил два пристапа, еден со релјефна обработка на допојасните линеарни фигури (со фронтална визура), а другиот со слободни фигури предадени во необични движења и чудни пози; од дескрипција на мотивот со робусни форми авторот спонтано навлегол во алегориски претстави и иронично зајадливи  „коментари“.

13

Чушков тргнува од форма на бочва и врз нејзината површина врежува линии, извлекувајќи одделни пластични мотиви (поедноставени форми на раце, лик итн.) или на други предметни мотиви (на пример синџир и друго) кои го надополнуваат изразот на ликовите кои некаде добиле карикатурни или гротескни белези. Чушков обработува разни теми од универзален или интимен карактер и тоа пред се типизирани ликови со тага или меланхоличност во изразот како и во целината на делото; мотивот на отворена уста, некаде неодредено, но главно сугерира момент на пеење или крик, додека затворените очи сугерираат интровертираност, а отворените (поретко) имаа неодреден поглед и незатскриен израз на човечки комплекси. За авторот глината е привлечен и соодветен материјал за обработка на разни мотиви, особено заради неговата пластична податливост за обликување форми со органски белези кој со природната боја и текстурата се врзува за елементот земја и за поимот на локални белези на скулптурата.

14

Меѓутоа, таквите сугестии се однесуваат на рустикалниот робустен стил на обликување сроден со изразот на примитивната скулптура, кој во Франција доби нов поим на друга уметност која изворно има ритуални мистични белези. Чушков работи и во дрво, некаде следејќи ја неговата природна форма задржувајќи се на релјефно обликување. Тој користи и бронза со комбинирање на сјајни и потемни површина, како и боја во создавање на анимални претстави.

6

Неговиот монументализам има интимистички белези. Во скулптурата Чушков внесува и сликарски белези (иконовидно мајчинство, тажачки, оплакување, хор, басист, протест, религиски, социјални, политички теми, жанр сцени кои го надвладуваат интересот за модерно обликувана скулптура.). Во македонската скулптура следиме повеќе примери на архаични и примитивистички содржини во делата на Димче Коцо, Боро Митриќески, особено на Борка Аврамова која во 50-тите години силно го обележа модернизмот и Анета Светиева која во 80-тите оствари постмодернистички оригинален пристап.

7

Автор: Владимир ВЕЛИЧКОВСКИ, историчар на уметност

Испрати коментар

Scroll To Top