Насловна / Вести / Попишани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки под надлежност на Град Скопје

Попишани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки под надлежност на Град Скопје

Од Град Скопје соопштуваат дека во соработка со УНДП влегле во напредна фаза од реализацијата на активностите за воспоставување Зелен катастар на јавните зелени површини во градот, односно досега се попишани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки во градското зеленило. По тој повод денеска, во големата сала на Советот на Град Скопје пред претставници од невладините организации, јавните градски претпријатија, скопските општини и стручната јавност се одржа презентација на проектот за Зелен катастар чија основна цел е заштита на животната средина, подобрување на управувањето со јавното зеленило, како и зајакнување на урбаната отпорност преку собирање и анализа на просторни податоци за зеленилото.

Gradski park Skopje
„Зелениот катастар на Град Скопје е проект кој долго време е во фокусот на јавноста, особено во зимскиот период од годината кога главна тема е аерозагадувањето, како проблем кој најдиректно ги засега жителите на Скопје. Унапредувањето, заштитата и зголемувањето на површината под зеленило се предизвици на кои градската администрација во последнава година им посветува големо внимание. За жал, повеќе години наназад, како последица на градежната експанзија, особено во делот на проектот „Скопје 2014“, зеленилото во градот честопати беше жртвувано за сметка на новите градежни објекти кои задоволуваа извесни лични, политички и бизнис интереси, но не и интересот на граѓаните кои имаат неспорно право да живеат во здрава животна средина. Ваквиот начин на функционирање мораше да се промени. Грижата за градското зеленило бара внимателно планирање и континуирана работа“ – рече на денешната презентација градоначалникот Шилегов.

парк2
Зелениот катастар треба да обезбеди прецизни и квалитетни податоци со помош на кои ќе може целосно да се спречи непотребното сечење или оштетување на дрвјата и целосното уништување на зеленилото за потребите на разни градежни активности, подобро планирање во насока на зачувување на постојното зеленило и поквалитетно одржување.

парк3

Градоначалникот изјави и дека „активностите се реализираат во фази. Досега се реализирани активности за геодетско снимање на зелените површини и дрвјата, грмушките и парковската инфраструктура. Изработена е и ГИС апликација за преглед и управување со јавното зеленило на територијата на град Скопје. Со геодетското снимање опфатено е зеленило на површина од 650 хектари. Во оваа фаза тоа го опфаќа булеварското зеленило и парковското зеленило кое е под надлежност на Градот Скопје. Исто така, реализирана е т.н. инвентаризација на теренот која подразбира попис на дрвјата и грмушките, со собирање податоци за видот на дрвото, неговата здравствена состојба, големина, ширина и неговата точна местоположба. Досега се попишани точно 65.844 дрвја и 28.395 грмушки. Во следните фази предвидено е снимање на зелените површини на институциите што се под надлежност на Град Скопје – јавните претпријатија, јавните установи, средните училишта и други. Во соработка со општините во Скопје, пак, предвидено е и дополнување на катастарот со зеленилото што е под нивна надлежност – блоковското зеленило и зеленилото во основните училишта и градинките. Во најнапредната фаза се предвидува и отворање на модул во кој секој граѓанин ќе може да го впише и зеленилото од сопствениот двор“ – објасни градоначалникот Шилегов.
Оваа интерактивна алатка ќе биде континуирано ажурирана од ЈП „Паркови и зеленило“ со дополнување на новото зеленило и новозасадените дрвја.

Испрати коментар

Scroll To Top