Вчера во присуство на голем број колеги и пријатели на свеченоста која се одржа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) му ја врачи наградата „Андреја Дамјанов“ на архитект Миодраг Радоњиќ-Бато.
Архитектот Миодраг Радоњиќ-Бато е годинашен добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството за 2018 година, која ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ).
Радоњиќ -Бато е роден 1949 година во Краљевица-Ријека, Хрватска. Од 1950 година живее во Скопје каде завршил основно образование и средно образование во гимназијата „Орце Николов“. Во 1976 година дипломирал на Архитектонскиот факултет во класа на проф. Живко Поповски.
Од 1973 година ја оформува неформална студентска група „АЈВАР“ која прераснува во Конкурсна „Група АЈВАР“ со архитектите Ранчо Христов, Мартин Гулевски и Стеван Смилевски. Со групата повремено работат и Крсте Џидров, Влатко Коробар и Слободан Живковски.
По дипломирањето се вработува во Републичкиот завод за урбанизам „ЗУМ“ – Скопје, каде го започнува својот професионален ангажман на ахитектонско проектирање и урбанистичко планирање и твори во тек на наредните петнаесет години, од 1977 до 1991 година. Во тој период работел на бројни Детални и Основни урбанистички планови и Архитектонско урбанистички проекти, како за градови во Македонија, така и за градовите Бар и Улцињ во Црна Гора од кои повеќе од 20 се усвоени за реализација.
Со колегите од ЗУМ учествува и на пет конкурси од кои еден Југословенски и четири Републички на кој освојуваат награди и откупи.
Во 1991 година, како партнер со архитект Ранчо Христов го регистрира првото приватно архитектонско биро во Македонија „Ателје Ајвар“ ДОО, Скопје, каде е и денес активен. Во „Ателје Ајвар“ изработил бројни проекти од кој голем дел се реализирани.
Со децении е активно ангажиран во ААМ и во еден период е и Претседател на Собрание на ААМ. Еден е од иницијаторите и основачите на Комората на овластени архитекти и инженери (КОАИ).
Добитник е на повеќе награди на БИМАС, добитник е на награда и благодарница од Главниот архитект на град Скопје и минатата година, заедно со својот партнер Ранчо Христов добитник е на наградата „Борис Чипан“ која секоја година традиционално ја доделува КОАИ за придонес за развојот на архитектонско – инженерската струка во Р. Македонија.
На вчерашната свеченост архитект Миодраг Радоњиќ-Бато се заблагодари на укажаната чест и ја повтори својата вечна страст и заложба за квалитетна архитектура.
фото: КИРО ПОПОВ
Generacija od gimnazijata, sega vo Belgrad, zaedno vo kafeana sekoj ponedelnik, mu čestita na svojot “vonreden” člen, so drugarski pozdrav!