Насловна / Архитектура / „Имам еден сон“… / сонот на еден архитект /

„Имам еден сон“… / сонот на еден архитект /

Како старееме носталгијата за изминатите времиња се зголемува. Тоа секако е врзано со убавината на младоста и времињата кога и со малку сме биле многу среќни. Кога спомнувам малку, мислам на материјалното ниво на општеството, а кога мислам на среќа мислам на општество во кое имавме спокоен живот, многу дружење и заедништво, визии за иднината, чист воздух / и покрај работењето на сите фабрики / и многу, МНОГУ АРХИТЕКТУРА. Веројатно и затоа носталгијата во ова време-невреме без наша архитектура, драстично се зголемува, кога ќе се спомнат времињата и делата на еден Чипан, Муличковски, Брезовски, Константиновски, Поповски…  Дали тоа беа големи архитекти или денешниве се мали или можеби тие имаа простор за творење, а денешниве генерации го немаат. Веројатно и едното и другото ќе да е точно.

Последниве десетина години беа драстичен пример за одземање или поточно недозволување да се развива и докажува архитектонската идеја во Македонија. Некој ќе рече, па кој им забрануваше на архитектите да творат и создаваат дела и да бидат континуитет на претходните генерации. Мојот одговор е државата и парите. Како тоа? Па така. Државата имаше свој приоритетен архитектонски проект и сите буџетски пари ги истураше во него, останатите коскички од приватните инвеститори некако ја одржуваа во кондиција современата архитектонска идеја. А дали добивме нова архитектура. Да добивме нова ДРЖАВНА архитектура – идеолошка, барокна или подобро речено никаква. А дали можеби треба тие неколкумина избрани архитекти да бидат спомнати во листата на гореспомнатите великани. Ма не. Не сакам ни во мојот скромен текст за носталгијата и сонот да бидат спомнати. Но нивните  дела за жал ќе останат. До кога. Атеист сум, но ќе кажам. Само Господ знае, а можеби ни тој.

vlada_skopje

Е каде е сега сонот во ова мое писание?

Професорот Петар Муличковски ми беше ментор на дипломската работа и веројатно и тоа влијаело на мојот сон. Неговото прекрасно дело, објектот на ЦКСКМ, коцките покрај Вардар во тоа време и многу потоа беше еден од архитектонските брендови на Скопје, а секако и еден од најубавите архитектонски објекти на модерната на Балканот па и пошироко. Потоа тој објект стана Влада на РМ и како само на овие простори бидува, нели е таа што ни ја кажува историјата,  го одредува начинот на живеење сега но и во иднината, па така и за архитектурата, како ја замислиле. И би, ја сменија архитектурата за да биде дел од за нив еден многу важен проект и тоа со народен референдум за избор на нивна фасада!!! И ја добивме архитектонската шампита во некаков барокен, антички – шалабајтерски стил, без дозвола се разбира на авторот, кој што е фала Богу сè уште жив. И сега уште фали архитектите творци на ова дело-недело да ги наредиме до вистинскиот оригинал на проф. арх. П. Муличковски.

За крај од овој мој носталгичен сон. Сонувам да во некој скорешен период, ми се оствари Враќањето во иднината, преку враќање на оригиналот на коцкестата зграда на Владата. Ама ќе чини тоа. Да ќе чини. Како држава може да си дозволиме барем еден објект од најголемата архитектонско-урбанистичка глупост во нашата современа историја, да го вратиме во својот оригинал. Архитектонскиот бренд на скопскиот 20 век дефинитивно го заслужува тоа. Во името на живите творци, но и илјадниците архитекти на постарите и поновите генерации архитекти барам сонот да ми се оствари. Нека се врати стариот и преубав/ реновиран со нови материјали и технолошки новини/ сјај на објектот. Добивме нова Влада, која веќе не е ни нова. Нека биде со нова-стара фасада на своето седиште.

Верувам дека остварувањето на мојот сон / а верувам не само мој/ ќе помогне да се излечи некоја рана од изгубените десетина архитектонски години.

Испрати коментар

Scroll To Top