„Мојата ќелија е голема како мала соба: би рекол дека приближно има три со четири и пол метри и три метри во висина. Прозорецот гледа во дворот каде што вежбаме: се разбира, тоа не е нормален прозорец; тоа е т.н. волчја уста со решетки однатре; само мал дел од небото е видливо и е невозможно да погледнете во дворот или настрана. Позицијата на ќелијата е полоша од онаа на претходната, која беше на југ-југозапад (сонцето стануваше видливо околу десет и во два го зафаќаше центарот на ќелијата во ширина од најмалку шеесет сантиметри); во сегашната ќелија, која мислам дека има изложеност југозапад-запад, сонцето се појавува околу два и останува во ќелијата до доцна, но во ширина од околу дваесет и пет сантиметри. Во текот на оваа потопла сезона, можеби ќе биде подобро вака. Покрај тоа: мојата сегашна ќелија се наоѓа над затворската механичарска работилница и го слушам тропањето на машините; но ќе се навикнам на тоа. Ќелијата е одеднаш многу едноставна и многу комплексна. Спијам на два душеци. Имам мала маса и еден вид шкафче, огледало, мијалник и емајлиран бокал. Имам многу мали предмети, купени во затворската продавница и неколку мои книги; секоја недела добивам осум книги за читање од затворската библиотека – Antonio Gramsci, 4 април 1927“ – извадок од неговата книга „Белешки од затворот“ – „Lettere dal carcere“.
Неговите писма даваат детален опис на затворската архитектура, како животот во затворот влијае на телото, како тоа се однесува кон околината, како ги прима звуците, начинот на кој светлината го наоѓа својот пат кон ќелиите и истата му овозможува да чита. Неговите биографски материјали испишани во неговите писма се од голема историска и пенолошка важност и, покрај останатото, нè потсетуваат на важноста на затворската архитектура и способноста на човековото тело да се навикне на различни материјални состојби. Малите детали, како различни предмети и работи, кои во обичниот живот надвор од затворот изгледаат безначајни и се земаат здраво за готово, стануваат важни во затворот, со цел да му се даде смисла на постоењето.
Затворот, како простор, може да се разбере низ човечките искуства, циркулацијата на разговорите и претставите, кои заедно ја конструираат сликата за тоа што затворот всушност е. Притоа, на луѓето, во овој контекст не се мисли само на оние кои пократко или подолго живеат во затворите, туку и на персоналот, архитектите, планерите. Сите категории на корисници мора да бидат инволвирани во процесот на проектирање. Како ги градиме и организираме нашите затвори и како општеството се грижи за затворениците, го одразува нашето разбирање на човечките суштества и нивните потреби.
ЕЛЕМЕНТИ НА ЗАТВОРСКАТА АРХИТЕКТУРА
За подобро да се разберат ограничувањата на затворската архитектура, потребно е да се одвојат неколку елементи: пристап и контрола, надворешни и внатрешни бариери, употребата на просторите, изградени и неизградени и нивната употреба. Пристапот и контролата се состои од: влез, за пешаци и возила, контролна кула, ограда за одвојување на затворот од градот (лесни метални огради од околу 2 метри височина или тешки метални огради над 2 метри височина или ѕидови). Може да се идентификуваат седум различни функционални простори и тоа објекти, простор за движење, отворени оградени простори (тераси и отворени простори до затворските ќелии), отворени паркинг-простори, вклучувајќи ги оние за посетители и вработени, зелени простори (вклучувајќи во некои затвори и култивирани простори), отворени простори за спорт и простор за нова градба. Големината на функционалните целини е различна, но има доста слични аспекти. Секако овие параметри зависат и од затворската регулатива. Архитектурата за затвори се води од казнено-поправната регулатива и нејзините критериуми во секоја земја, која сама по себе ги изразува социјалните и културните аспекти на една земја.
Олеснувањето на престојот во затвор, одржувањето на разумност на едно лудо место, има значење за луѓето кои се ослободени од затвор. Многу е веројатно дека, колку се поздрави и самоуверени екс-затворениците, толку е поголема шансата тие да создадат односи и пријателства што ќе им помогнат да се држат настрана од криминал. Во ваков контекст е прашањето: До кој степен зградите во затворот може да „лечат“, но и да штетат?
Затворот му припаѓа на градот со сите свои контрасти, потреби и промени поврзани со нашето време, и е местото каде што страдањето и социјалните контрадикции се највидливи, акутни и концентрирани. Затворот е вид на современ карантин, кој содржи сегменти од културна и материјална сиромаштија, неповолност и болест. Затоа е неопходно да не се заклучува за да се отстрани, туку да биде отворен за редизајнирање на нов корективен модел, кој остава простор за моменти на дружење, што повторно активира звук, ефективни патишта за преквалификација и реинтеграција во општеството.
ПРОСТОРНА КОНФИГУРАЦИЈА
Културната и општествената вредност на затворот има директно влијание врз прашањето за неговата просторна конфигурација, неговиот дизајн.
Локацијата на казнените институции треба да биде разгледана од различни и спротивставени гледишта.
Блискоста на урбаниот центар се смета за позитивна, за да му дозволи на персоналот нормален општествен живот и да им понуди на затворениците полесен контакт со нивните семејства, со можност за работа и со можностите за разни видови професионално советување. Од друга страна, растојанието од урбаните центри може да биде поволно поради релативната евтина цена на земјиштето и полесен надзор над затворениците.
Заедничките активности во слободно време, просторите посветени на овие функции, треба да бидат добро прилагодени; пожелно е да се предвидат терени за игра, базени, театар, сали за концерти, кино. Во прилог на просторите за заеднички активности, исто така треба да се планираат соби за индивидуални активности, самостојност.
Единечните ќелии се најдобри простории за сместување.
Стандардот за просторите за посетители е да се направат пријатни колку е можно, со цел да се создаде вистинска релаксирана атмосфера.
Помала употреба на високи ѕидови за околна заштита. Замена може да биде широк зелен појас околу институцијата, опремен со средства за надгледување како што се контролните кули. Прозорците треба да бидат со иста големина како и во нормалните станбени објекти. Други техники на затворање треба да ги заменуваат традиционалните решетки.
Идентитет – За да се зајакне интеграцијата на објектот во заедницата, објектите треба да се вклопат во надворешната средина во која се поставени.
Големина – Големите капацитети пренесуваат атмосфера на анонимност на затвореникот и имаат тенденција да предизвикаат во него чувства на немоќ, бесмисленост, изолација. Големи, изолирани објекти силно го зајакнуваат имиџот на отфрлање на сторителот од општеството и се спречуваат современите програмски цели на ресоцијализација и реинтеграција во заедницата. Се препорачува големина помала од 300 лица. Индивидуалната окупираност на ќелијата се смета за основен услов. Јадењето е подобро во децентрализирани помали групи. Долги коридори (над 15-20 метри во големи објекти или 10 метри во помали) треба да се избегнуваат, освен ако е обезбедено некакво олеснување.
Институционална големина – Идеална станбена единица е со големина од 100 до 125 жители.
Концептуален дизајн – Посети, советување, правна помош, волонтерски програми, стручни служби и многу други активности, имаат посебно значење за концептуалниот дизајн на објектот.
Индивидуална окупираност – Основните стандарди во планирањето и дизајнот на затворена институција треба да бидат во обезбедување на еднокреветни спални соби, заедно со обезбедување на добро заокружена програма за активност. Еднокреветната соба треба да обезбеди сместување за спиење и област на приватност за нејзиниот корисник за околу осум часа на ден. Собата треба да содржи единечен кревет. Исто така, треба да биде опремена со соодветни полици, знаејќи дека жителите ќе акумулираат разни предмети, со цел да го продолжат своето самоизразување, мала маса со подвижна столица. Треба да обезбеди простор за складирање на облека и работи, фиока со заклучување. Сите соби треба да бидат обезбедени со директна надворешна изложеност, природно светло и поглед.
Флексибилност – Пожелно е проектите да бидат прилагодени за менување на потребите.
Контрола – Кон планирањето и проектирањето на поправната установа, мора да се пристапи како кон составен дел од програмирањето на нејзините активности. Концептот на зонирање на разни функционални единици, со близок надзор на персоналот, дополнително помага во напорите за планирање. Друг пристап кон безбедно зонирање вклучува воспоставување на мешан периметар со брановиден сигурносен појас. Безбедносниот појас е креиран од масите на самите објекти, а не е изграден исклучиво за безбедни цели. Трошоците за традиционален затворски ѕид така се избегнуваат.
Економичност – Различните, нови, градежни материјали, исто така, додаваат можност за постигнување на безбедност и подобрување на околината за програмски третман, додека во исто време ги намалуваат трошоците за изградба. Најинтересно меѓу нив е развојот на нови композитни стаклени и поликарбонатни прозорски материјали, кои ги заменуваат традиционалните челични решетки.
Престој на персоналот – Се забележува, дека често се обезбедуваат решенија за престој на персоналот во непосредна близина на институцијата. Се препознава дека непосредната близина на персоналот до установата, овозможува нивен брз одговор во време на вонредна состојба. Пристапот кон сместување на вработените, кој денес добива на важност, се базира на претпоставката дека персоналот за казнено-поправни установи е всушност важна врска помеѓу жителите на затворските институции и надворешната заедница.
Клима – Локалните климатски услови во одредена земја во која објектот е планиран има особено значење. При блага клима, се нудат за можности за надворешна програмска активност, и тука меѓусебните односи помеѓу внатрешниот простор и надворешниот простор имаат ново значење. При сурова клима, следствено, различни простори за активност, како што се спални соби, дневен престој, простории за групна активност и други простори, треба да се организираат во дизајнот на објектот така да овозможат максимална ориентација кон топлина и светлина на зимското сонце.
Истражувањата, нагласуваат нова концепција на затворската архитектура со цел реинтеграција на затвореникот во општеството, и затоа повеќе се внимава на односот со градот, на интеракцијата со заедницата и на личните потреби на затвореникот, не занемарувајќи ги притоа поврзаните потреби за сигурност и контрола на објектите.
КРИТЕРИУМИ ЗА СОВРЕМЕНА ЗАТВОРСКА ЗГРАДА
Критериумите за современа затворска зграда обезбедуваат серија на барања и предлози за обезбедување на простори и усвојување на градежни технологии за изградба на нови казнено-поправни установи. Критериумите се групирани во три точки: општи барања кои објектот мора да ги обезбеди, сугестии за обезбедување на соодветниот простор и технолошки аспекти.
Што се однесува до барањата, дефинирани се следните:
– Флексибилност: дизајн со цел да се овозможат лесни промени во зградата во текот на времето, без да се менува секојдневниот тек на работата;
– Функционалност: градење на типологија на начин да се ограничат оперативните трошоци, особено во однос на контролниот кадар;
– Естетика: боите на околината.
Во однос на видовите простори, насоките за проектирање бараат затворот да му овозможи на затвореникот можност да биде ангажиран во различни активности за поголем дел од денот – работа, едукативни активности итн. – надвор од неговата ќелија. За оваа цел се идентификувани следните простори: простори за работа, едукативни, рекреативни активности итн.
Што се однесува до технолошките аспекти, насоките даваат предлози во однос на: технологии и градежни материјали: ниска цена, со внимание на квалитетот на естетската перцепција, удобност при живеењето, внатрешна и надворешна флексибилност; користење на индустријализирани градежни технологии наместо префабрикувани; ограничување на употребата на префабрикувани технологии стриктно за магацински простори, лаборатории и сервисни простории; користење на традиционални материјали со хумани и емоционални вредности.
Дизајнот на затворот не може и не смее да биде само активност на архитектот – идеја која сега е застарена – туку на интердисциплинарна група, која вклучува учество на експерти во различни сектори, од урбанистички планер, социолог и така натаму, и со цел за учество на крајните корисници, кога е тоа можно.
Што се однесува до корисниците, можеме да идентификуваме различни категории на затвореници во однос на: ниво на казна, пол (маж/жена), возраст (почнувајќи од бебиња), здравствениот статус, психолошкиот статус. Покрај затворениците се и другите корисници, како што се директорот, затворските службеници, психолози, криминолози, социјалните работници, затворските лекари, мултидисциплинарниот тим за зависници од дрога, сервисниот тим за зависност од алкохол, едукатори/наставници и стручни лица, обучувачи, верски работници, волонтери, општ персонал за услуги и посетители.
НЕКОИ КОНЕЧНИ РАЗМИСЛУВАЊА
Иако архитектите долго се потпирале на техничките аспекти при проектирање на затвори, се смета дека продорна идеја на нашата работа како архитекти и дизајнери на збирни институции е како да направиме тие да ја изгубат својата функција на збирност. Не само што е ова израз на учтивост, но исто така служи и за враќање на „достоинството“ на оние кои го сториле кривичното дело за кое се осудени на затворска казна. Давањето достоинство на поединецот е неопходен чекор кон рехабилитација на лицето и негово враќање во општеството. Тоа потврдува дека општеството нема намера да се одмазди, туку е сочувствително.
Автор: Невена ЃЕОРЃИЕВСКА, дипл.инж.арх.