Глобалните емисии на јаглерод диоксид значително се во пораст и се очекува до крајот на годината да достигнат рекордно ниво. Ова е накратко заклучокот од новиот извештај на Global Carbon Project, истражувачки партнер во Светската програма за климатски промени. Извештајот беше објвен токму во периодот на одржување на последната климатска конференција COP24 на почетокот од месецов во Катовице, Полска. Намалувањето на емисиите на стакленички гасови е најважното ветување од Договорот за климата постигнат во Париз во 2015 година, со цел задржување на глобалниот пораст на температурите на ниво под 2 степени Целзиусови до крајот на овој век. Според Извештајот во глобалниот удел на емисиите на стакленички гасови предничи Кина со 27%, потоа следуваат САД со 15%, па ЕУ28 со 10% и Индија со 7%. Се проценува дека резултатот за оваа година ќе покаже намалување на емисиите само кај ЕУ 28 за 0,7%, додека во Кина ќе има пораст за 4,7%, во САД за 2,5%, и во Индија за дури 6,3%.