Рудникот за олово и цинк „Саса“ се наоѓа на источните падини на Македонија во близина на местото Македонска Каменица. Модерната експлоатација на рудникот започнала во 1964 година, со просечно производство од 900 илјади тони руда и тој претставува значаен стопански субјект на земјата.
При процесот на производство на концентрат на руда како непотребен материјал се јавува јаловина која не може да се употребува. Јаловината се меша со вода, при што настанува „пулпа“ која со систем на пумпи и гравитација се транспортира со цевки до одлагалишта – јаловишта.
Во текот на досегашната експлоатација на рудата за одложување на јаловината формирани се три каскадни јаловишта во долината на Саска Река.
Третото јаловиште се формираше во две фази, каде јаловиштето 3.2 и понатаму е во употреба, но веќе на граница на волуменот на просторот за одлагање.
Со цел експлоатацијата на рудникот да биде континуирана инвеститорот го ангажирал Градежниот факултет – УКИМ, Скопје да изработи проектно – техничка документација за ново Хидројаловиште бр. 4.
По изработка на проектната документација и повеќе анекси на проектот, инвеститорот работата за изградба на хидротехничките објекти ја довери на компанијата Strabag AG Подружница Strabag Скопје. Градежните работи започнаа на 6.3.2017 година со воведување на изведувачот во работата од страна на надзорот D.G.P.U. Geing Krebs und Kifer.
Отскочен праг и габионски дел на канал
Проектот го карактеризира фазна изградба која е условена од типот и намената на објектите, што услови и четири фази на проектот:
Фаза 1: Канал, Отскочен праг, Смирителна јама и канал после неа, Брзотек, Слапиште и Ризберма
Фаза 2: Обиколен тунел, Галерија и тунелски дел на колектор за избистрени води и Контактно инјектирање
Фаза 3: Јаловишна брана бр. 4, Дренажни килими, Водоспроводници и шахти
Фаза 4: Пулповод и цевковод за повратна технолошка вода
Стабилизација на под тлото со микроколови
Големата разлика меѓу објектите во градежна смисла, услови комплексност при изведба на работите, поради симултана примена на повеќе потполно различни технолошки процеси. Најзначајни се објектите од фазите 1 и 2 (канал и тунел), чија реализација директно влијаеше на изведбата на работите на останатите фази и беа најкритичната фаза во проектот.
Фазата 1 ги опфаќа сите работи на каналот за евакуација на поплавните води од јаловишниот басен, бидејќи нивното присуство директно би ги загрозило јаловиштата бр. 3 и 2 и новоизграденото бр. 4 и би предизвикале далекусежни еколошки последици и голема материјална штета. Каналот поради претпазливост димензиониран е за 1000- годишни води со примена на три концептуално различни решенија: бетонски канал со правоаголен поречен пресек, габионски канал и комбинирано решение кај кое е применета бетонска кинета со габионски ѕид со цел да се стабилизира косината.
Поставување на челна оплата во обиколниот тунел
Покрај земјаните работи во вид на ископ од 25 илјади кубни метри земјан и камен материјал за формирање на засеци за темелите на објектот, поради неповолните геолошки услови, неопходно беше да се реализираат работи и за стабилизација на косината која е во непосредна близина на регионалниот пат R1210 и на некои места достигнува висина и до 17 метри. За таа намена користени се самобушечки R51 анкери и прскан бетон по целата должина на засекот од 470 метри, додека за заштита од ерозија користена е пластифицирана MACMAT мрежа. На најкритичната подделница, каде каналот ја сече круната на идната брана бр. 4 извршена е стабилизација на поттлото со микрошипови R51T со должина 15 метри, каде вкупно се вградени 4.290 метри. Каналот во првите 531 метри е во вид на бетонска конструкција со преливен и собирен дел на почетокот во сливното подрачје на јаловиштето 3.2, останатиот дел од објектот изведен е по кампади во должина од 10 метри со користење на монтажна еднострана и двострана оплата. Кај делови со сложени геометриски пресеци користени се разновидни технички решенија во процесот на оплатирање и бетонирање. По завршувањето на бетонскиот дел на каналот на чиј крај се наоѓа отскочен праг, чија функција е да го смири водотекот, следува канал изграден од габион со должина 70 метри, а потоа дел граден со комбинирање на габионски ѕид и бетонски кинети како би се спречило понирањето на вода низ слоевите на насипот. Од главните ресурси, работите на каналот изискуваа употреба на 4.400 кубни метри бетон, 470 тони арматура и преку илјада кубни метри габиони.
Фаза 2 ја сочинуваат тунелски и галериски објекти чија намена е да се пренасочи Каменичка Река под десната страна на јаловиштето и да собира избистрена вода од самото јаловиште. Во прашање е екстензија на постоечкиот тунел кој порано е граден етапно во процесот на формирање на секое претходно јаловиште. Димензионирањето е извршено за кружен пресек со внатрешен дијаметар 3.7 метри и дебелина на облогата минимум 40 сантиметри за тунелскиот дел, односно 70 и 100 сантиметри за галерискиот дел во зависност од натслојот. Со должина од 533 метри (470 метри тунелскиот и 63 метри галерискиот дел) и употребена количина бетон од преку седум илјади кубни метри, објектот се покажа ресурсно и логистички многу обемен. Во процесот на бетонирање користени се два комплета на метални оплати и две стабилни пумпи. Бетонирањето е правено фазно, со изработка на кинета и калота со транспортни должини на пумпаниот бетон кои преминуваа и 300 метри. И покрај отежнатите услови за работа поради тесниот простор и повеќе поплавни таласи кои го погодија изведувачот во текот на месецот декември, објектот комплетно е завршен до крајот на 2017 година и пуштен во употреба после работите на спојот на стариот и новиот тунел, кои беа особено ризични поради високиот водостој на Каменичка Река.
Завршна секундарна облога на обиколниот тунел
Особен инженерски потфат претставуваше изградбата на тунелскиот и особено на галерискиот дел за избистрена вода, чија намена е прифаќање на водата од новото хидројаловиште. Работите опфаќаат изградба на тунел со внатрешен дијаметар од само два метра и должина од 52 метра и галерија со која се совладува висинска разлика од 60 метра со голем подолжен наклон од 45°. Поради значително отежнатите услови за работа, објектите изискуваа посебни мерки на претпазливост со ангажирање на голем број стручни лица од различни инженерски профили.
Клучниот фактор на фаза 3 е иницијалната брана чија главна намена е да овозможи контролирано формирање на узводни ножици на хидројаловишната брана бр. 4 која се формира во тек на експлоатацијата на самото јаловиште од хидроциклирана јаловина и да ја заштити браната на претходното јаловиште 3.2 од продирање на со вода заситена јаловина. Браната е изградена од насипан камен материјал до висина од 16 метри и во слоевите е вградено преку 47 илјади кубни метри. Во процесот на одводнување на целото подрачје на хидројаловиштето учествува и дренажниот систем кој се состои од четири дренажни килими и цевководи кои ги поврзуваат.
Завршувањето на фаза 2 директно ги условуваше работите на фаза 3 на проектот, односно работите на изработка на иницијалната брана и дренажните системи, можеа во полн обем да се одвиваат дури по завршувањето на обиколниот тунел и изместувањето на Кременичка Река од речното корито.
Изработка на дренажниот тунел
Фаза 4 на проектот опфаќа објекти за дистрибуција на пулпа од рударските погони до хидројаловиштата. Во прашање е продолжување на постоечкиот цевковод во должина од 520 метри, кој завршува со разводен собирник на кој се надоврзуваат четири пригушни собирника, чија основна функција е намалување на притисокот на пулпата пред нејзиното пуштање за да се намали нејзиното ерозивно влијание, односно полесно контролирање на нејзината дистрибуција во рамки на јаловиштето. Сложеноста на изведување на работите на пулповодот произлезе од тешката пристапност на локацијата на објектот, што изискуваше изградба на пристапен пат и рампа на круната на браната 3.3, потоа трасирање и просекување на засекот на кој се наоѓа пулповодот, што подразбираше ископ од 33 илјади кубни метри камен материјал. Засекот е по целата должина, а на поедини делови изразито на голема стрмнина на падината со висина на карпа од дури 22 метра, што наметна употреба на различни технички решенија за стабилизација на косината и заштита од ерозија со употреба на заштитни мрежи, анкери и прскан бетон.
Поставување на цевки на пулповод
Покрај наведеното извршени се и многу работи кои ги следеа главните објекти од кои ги издвојуваме следните:
– пресекување на две берми, технолошки патишта за одржување на системот, под пулповодот со сите елементи за заштита на косините
– изградба на насип и чистење на сите косини до ниво на новото јаловиште во рамки на припремните работи за поставување на геомембрана
– санација на подножниот свод на стариот тунел на јаловиштето 3.2 во должина 320 метри, која е вршена во отежнати услови поради висок водостој
– изградба на заштитни бариери на влезот во обиколниот тунел, како би се спречило негативното влијание на поројните води и би се намалиле механичките оштетувања на бетонот во тунелот.
Санација на стариот тунел за јавловиште 3.2
Работите на проектот во потполност се завршени и се очекува во наредниот период инвеститорот да ги преземе објектите, како би отпочнал со користење на јаловиштето. Strabag, како изведувач на работите во целиот процес, од тендерската постапка до завршување на работите покажа високо ниво на агилност во совладување на сите потешкотии и непредвидени околности кои можат да следат еден ваков сложен хидротехнички проект. Важно е да се напомене дека со работите беа опфатени: повеќе од 20 различни типови бетонски работи, работи на висини, на подземни конструкции и под ниво на подземни води, голем број земјани работи и геотехнички работи, како и работи на фундирање и консолидација на теренот.
Стабилизација на косини – бушење и вградување на анкери
Имајќи предвид дека објект од овој тип претставува нешто сосема ново во портфолиото на изведувачот од особена важност беа ангажираните кадровски решенија, за многумина тоа беше сосема ново искуство, за некои и прв проект на кој активно учествувале. На крај, по завршувањето на работата, спремни се да се носат со сите идни предизвици во градежништвото.
Фирми кои соработуваа на изведба на поедини позиции: Октопус, Инвест А, Геоинг
Автор: Саша Славковиќ, дипл. град. инж. (Strabag – Врање)
Рецензент: Горан Ракиќ, дипл. град. инж. (Strabag – Врање)