Насловна / Вести / „Абер дојде од браните во Турција…“

„Абер дојде од браните во Турција…“

Вклучувањето во неколкуте академски мрежи овозможува размена на студенти и наставен кадар на Градежниот факултет (ГФ) со сродни факултети при универзитети во бројни земји во Европа, активност што се надградува со ангажирање на професори од тамошни реномирани факултети во наставата.

Prof. Ahmet Saglamer - predavanje

Така, во минатото, предавања во својство на гости-професори на ГФ одржале бројни врвни академски лица од повеќе области на градежништвото, со што овозможиле пренесување на дел од научните трендови, приближување на тековни технички дострели, иновирање на наставните содржини итн. Во тоа својство, на 9.11.2018 на ГФ беше и проф. д-р Ахмет Сагламер, од Истанбулскиот технички универзитет (ИТУ), кој и во претходните години држеше предавања за студентите и инженерите од Р Македонија, а последното го оствари во јуни оваа година, кога во рамките на 16-тата Подунавско-европска конференција за геотехничко инженерство, организирано во Скопје од страна на Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ), одржа повикано предавање.

Saglamer

Со тие посети, но уште повеќе и „на домашен терен“, кога во повеќе наврати угости претставници на ГФ, на асоцијации и компании од РМ, овозможувајќи им поблиски контакти и запознавање со достигнувањата на струката во Турција, како и повеќенеделни пракси на студентите по геотехника од нашиот факултет, проф. Сагламер се етаблираше како близок пријател и поддржувач на работата на инженерите од РМ, па го заслужи и звањето почесен член на ДГМ.
Биографијата на проф. Сагламер, покрај академски дел и неколкуте доделени награди и признанија, вклучува и ангажман како претседател и секретар во Турското друштво за геотехниката, повеќепати раководеше со организирање на национални конференции, но и учество во проектирање, изведба и санирање на бројни објекти на три континента, од аеродроми во Истанбул и Ријад, преку автопатишта во комплексни геотехнички услови во околината на Санкт Петербург и во Нигерија, до низа инфраструктурни, индустриски, станбени, административни и комерцијални повеќекатни објекти низ поголемите градови во Турција, Балканот и Средниот Исток, но и знаменитости во кои уживаат посетителите на Истанбул.

0 Izvedba na lačna brana Ermenek H=219 m

Изведба на лачна брана Ерменек Н=219м

Секако, искуството од вклучувањето во тие предизвици го споделува и со студентите на трите циклуси на студии на ИТУ, а привилегија да слушнат за земјените притисоци, длабоките ископи и подобрувањето на почвите имаа и нашите. Овој пат, имајќи ги предвид тековните и планираните активности во РМ во полето на изградбата на браните, тој даде видување за „Геотехниката и хидротехничките објекти“. Концепциски, предавањето беше изложено во два дела.

34 Kontinuirana izvedba na masinska zgrada pri ispumpuvanje na voda (HEC Kirnati, Gruzija)

Континуирана изведба на машинска зграда при испумпување

на вода (ХЕЦ Кирнати, Грузија)

Низ првиот, учесниците имаа можност да се запознаат со досегашното и планираното инвестирање во брани во Турција, како и нивните карактеристики и капацитети, од каде беше видливо дека има и неколку – и каменонасипни и лачни брани – повисоки од 200 m. Во втората половина, пак, после теорискиот и историскиот преглед на деформациите, оштетувањата и последиците што настануваат кај браните поради недоволно почитување на геотехничките наоди и препораки, беа изложени низа на проблеми, доминантно од Турција и делумно од нејзиниот регион, со кои се соочиле и проектантите и изведувачите при изградбата на браните и придружните хидротехнички објекти:

– нестабилности на косини на возводни и низводни косини на насипни брани,
– свлекување на природно тло во акумулационен простор,
– нестабилности на косини при ископ,
– филтрација низ бокови, алувијална подлога и на контакт-брана – тло и појава на хидрауличен лом,
– присуство на растворливи материјали во подлога, на боковите, во насипот или под акумулацијата,
– ерозија и суфозија,
– бабрење на ситнозрни материјали,
– оштетувања од земјотреси: лизгања на тло и појава на ликвифакција,
– карстни каверни и понори во делот на резервоарот,
– закосени и испукани карпи или исклучително моќни слоеви на алувиум во зона на фундаменти на браната,
– подолжни и попречни пукнатини поради нерамномерни порамнувања,
– тензиони пукнатини поради високи притисоци во тек на млазно инјектирање,
– прелевање.

11 Betonska plomba za prekid na istekuvanje na kontakt temel-tlo (HEC Vizara)

Бетонска пломба за прекин на истекување контакт темел – тло (ХЕЦ Визара)

Гостинот преку фотографии и снимки од оперативните зафати и цртежи, критички ги презентираше преземените комплексни мерки, кои вклучуваа: проучување и на постара литература; опсежни дополнителни истраги и контролни работи; празнење на акумулација и целосно отстранување на алувиум заради бетонско пломбирање; низи од пумпни построенија и бунари, како и секантни колови и инјекциони работи за формирање на водонепропусна завеса или, пак, спрегнати решенија од бушени и млазно-инјектирани колови, заради справување со дотекувања на подземни и површински води, кои постојано демнат во хидротехниката; армирано-бетонски дијафрагми со долги челични распонки за заштита на градежни јами при мошне длабоки ископи; заштитни мерки за стабилизација на косини и фосилни свлечишта со завеса од колови, почвени анкери и високи насипи, нивна зависност од активноста на примарни и секундарни раседи, вклучувајќи го и Северно-анадолскиот; инструментално набљудување во текот на исполнувањето на задачите итн., а по природата на струката, беше јасно дека некои од нив се јавуваат неочекувано.

31 Ponor vo gradežna jama poradi podzemna erozija (HEC Kirnati, Gruzija)

Понор во градежна јама поради подземна ерозија (ХЕЦ Кирнати, Грузија)

На таков начин, се даде осврт на основите на теоријата, а и препораки за/од праксата, кои елементи се од значење и за младите и за инженерите. Истовремено, во неколку наврати ги потенцираше дискрепанците помеѓу канцелариската (прецизно нацртана и пресметана) и теренската (комплицирана и тешко остварлива) работа, како и побарувањето од мултидисциплинарен пристап и континуирана соработка помеѓу лица од различни струки, особено во критичните моменти, заради правилен избор на квалитетно решение.

21 Gradezna jama za masinska zgrada (HEC Dogančaj 2)

Градежна јама за машинска зграда (ХЕЦ Доганчај 2)

Завршните зборови беа проследени со аплауз од 80-тината присутни лица, во состав студенти, членови на ДГМ и членови на Македонскиот комитет за големи брани, по што се разви долга дискусија во која се вклучија и искусни проектанти, и управувачи со брани, но и идните градежници и геотехничари. Во пријатна, топла и другарска атмосфера, разговорите се заокружија со најава за продолжување на предавањата и од страна на други визитинг-професори, додека актуелниот, познавајќи го сега веќе мошне добро интересот на овдешните слушатели, се постави пред предизвик за избор на соодветна тема при следното гостување.

25 Zaštita na iskop so počveni ankeri vo neposredna blizina na rased (HEC Feke I)

Заштита на ископ со почвени анкери во

непосредна близина на расед (ХЕЦ Феке I)

Автор: доц. д-р Јован Бр. ПАПИЌ,

претседател на ДГМ

Испрати коментар

Scroll To Top