Викендицата која е проектирана од архитектонското биро Haysom Ward Millar Architects ги собра сите симпатии на жири комисијата која ја прогласи за најдобра куќа во Велика Британија за 2018 година.
Овој проект, кој е изведен за уметник кој се занимава со керамика, ја освои престижната RIBA награда во конкуренција од шест проекти кои се пласирале во последниот круг. Иако на прв поглед објектот делува премногу скромно, сепак во неговата едноставност е целата убавина на архитектурата.
Целата структура на куќата се состои од три единици кои се изградени во целост од природни материјали со што го дополнуваат амбиентот на локацијата.
Во внатрешноста на куќата продира голема количина на природна светлина која нежно се одбива од светлите површини, а таванот обложен со дрвени даски претставува уште една врска како со екстериерот на куќата, така и со околината.
Централната точка на ентериерот се наоѓа на каминот која е во светло сина боја, а освен тоа вниманието го привлекува и погледот на езерото кое се гледа низ прозорците кои се со големи димензии.
Со оглед на тоа што куќата се наоѓа во природа, далеку од цивилизација, она самостојно произведува енергија преку соларни панели, а вода за пиење зема од бунар.
Директорот на фондацијата RIBA, Ben Derbyshire, куќата ја опишува како „совршен додаток на пејсажот од соништата“.