Насловна / Вести / Преку зголемена транспарентност и комуникација се лоцираат вистинските загадувачи

Преку зголемена транспарентност и комуникација се лоцираат вистинските загадувачи

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули заедно со претставници на Државниот инспекторат, присуствуваше на „Отворениот ден на Цементарница Усје“ во Скопје, со цел како што изјави, да придонесе кон транспарентната борба која се води за добивање реални податоци за тоа што се случува со загадувањето.

„Деновиве, сите екологисти и светски стручњаци се упатуваат кон Катовице на Светскиот самит за климатски промени, чиј темел или компоненти се: реалност, наука и предупредување. Сите активности кои ние ги преземаме, во рамки на Планот за справување со загадувањето односно Планот за чист воздух се базираат на реалноста, на науката и на предупредувањето“, вели Макрадули.

Makraduli vo USJE

Според него посетата на компанијата „Усје“ е со цел да се придонесе кон разбивање на стереотипите, кои се шират меѓу граѓаните за загадувањето, но истовремено тој вели дека ќе продолжат активностите во справувањето со изворите на загадувањето.
Макрадули објасни дека ќе почне пракса на партнерски однос, предводен од Светскиот економски форум за алијанса меѓу владите и бизнис-заедницата.

“Очекувам сите компании кои постојат во Македонија да се вклучат во заедничката акција на спроведување на Планот за чист воздух, и веќе имаме најави од неколку компании, кои ќе се придружат пред сè во замената на не еколошките извори на затоплување во градинките, во основните училишта и во здравствените домови, за еколошки извори на затоплување“, истакнува Макрадули.

Тој јавно упати апел и до останатите компании да го следат примерот на Цементарницата и да организираат отворени денови, оценувајќи дека само на тој начин, преку зголемена комуникација и транспарентност ќе може да се лоцираат вистинските извори на загадување за полесно отстранување на причините.

Makraduli vo USJE 1

Заменик министерот за животна средина потсети уште еднаш дека и според сите анализи во големите градови како што се Скопје и Битола, главен причинител за аерозагадувањето е домашното затоплување.

“Уште еднаш да повторам. Во Битола и во Скопје клучен елемент на загадувањето е домашното затоплување“, информираше Макрадули и нагласи дека задачата на Владата е со средства од Буџетот и со партнерство на компаниите да ги заменат овие нееколошки средства на затоплување на граѓаните кои ги употребуваат истите поради социјалната состојба.

За „РЕК Битола“, заменик-министерот информираше дека има почнато процес за третирање на пепелта, од 1 јануари ќе се заменуваат електростатските филтри кои не биле заменети од 1980 година и кои ќе доведат до намалување на емисиите, согласно усогласувањето на Оперативниот план.

Тој исто така информираше дека во минатото бил земен кредит од 50 милиони евра, кој ненаменски и неплански се потрошил за да се донесе топла вода од РЕК до влезот во Битола, без притоа да се испланира што ќе се прави со цевките.

„Затоа апелирам, замолувам на заедничка акција и поддршка, да ги спречиме изворите на загадување“, заклучи Макрадули.

Генералниот директор на „Цементарница Усје“, Борис Хрисафов изјави дека со внимание ја следат загриженоста на јавноста во врска со состојбите во градот Скопје и со задоволство ги отвораат вратите за на граѓаните да им ја доближат својата работа, повикувајќи ги сите за заштита на животната средина со цел да се лоцираат вистинските причинители.

Makraduli vo USJE 2

Директорот посочи дека компанијата ги почитува законските прописи и регулативи и наведе дека податоците од мерењата јасно укажуваат на фактот дека „Усје“ во целост ги исполнува законски предвидените услови и емисиите се во просек неколку пати пониски од законски дозволените концентрации.
Тој истакна дека работењето на компанијата се следи од Државниот инспекторат за животна средина кој редовно врши контроли на компанијата и изрази отвореност да излезат во пресрет на сите кои ќе посакаат да ја контролираат нивната работа.

Испрати коментар

Scroll To Top