Можеби сте ги замислувале работните места за архитекти каде што прославените светски „starchitects” како што се Норман Фостер и Бјарк Ингелс ги завршуваат работите? Овие фотографии се поглед во проектантските бироа и работните места на пет светски архитектонски фирми кои значително придонесоа за светската архитектура.
1. Foster + Partners, Лондон – Велика Британија
Foster + Partners е интернационалнo проектантско биро со седиште во Лондон. Предводено е од 81-годишниот архитект и добитникот на Прицкер, Норман Фостер. Тој бирото го основал во 1967 година и Фостер и неговиот тим имаат меѓународна пракса со светска репутација. Компанијата е позната по својата архитектура низ целиот свет, а меѓу нејзините познати објекти се лондонската икона City Hall и деловниот објект 30 St Mary Axe, популарно наречен „Корнишон“ на швајцарската осигурителна компанија Swiss Re.
2. Snøhetta , Осло – Норвешка
Snøhetta е интернационална компанија со седиште во Осло и е специјализирана за архитектура, пејзаж, ентериер и графички дизајн. Фирмата има повеќе од 240 вработени од 32 различни нации. Компанијата има свои бироа во САД, Австрија, Шведска и Сингапур. Препознатлив е нивниот објект, библиотеката во Александрија, Египет „Александрина“ за која Snøhetta ја доби наградата Аga-khan и операта во Осло, Oslo Opera House која е дом на норвешката национална опера и балет.
3. Bjarke Ingels Group (BIG), Копенхаген – Данска
BIG е група архитекти со седиште во Копенхаген, Лондон и Њујорк, основана од страна на данскиот архитект Bjarke Ingels, а предводена од 17 партнери. Бирото работи во областа на архитектурата, пејзажот, урбанизмот, ентериери и дизајнот на производи. BIG е познат по своите извонредни дизајни и идеи. Тие имаат значајнипроекти, како што се 8 House во Копенхаген и VIA 57 West во Њујорк.
4. MVRDV , Ротердам – Холандија
MVRDV е глобално биро за архитектура и урбанизам со седиште во Ротердам, Холандија, основано во 1993 година. Компанијата има многу различни проекти како што е Холандскиот павилјон за ЕКСПО 2000 во Хановер, одржлива зграда во првата еко-област во Париз , Matsudai културниот центар во Јапонија, како и иконите во домувањето Mirador и Celosia во Мадрид. MVRDV, исто така, имаат многу тековни проекти во Холандија, Франција, Кина и Индија и се добитници на огромен број меѓународни награди и признанија.
5. SOM, Чикаго – САД
Skidmore, Owings & Merrill LLP, позната како SOM, е една од најголемите и најистакнатите светски фирми за архитектура, ентериери, урбанизам и инженеринг. Компанијата со седиште во Чикаго е основана во 1936 година, а оттогаш има изработено повеќе од 10.000 проекти во повеќе од 50 земји низ светот и е добитник на речиси 2.000 награди. Тие се познати по проекти за највисоките згради во светот, меѓу кои Willis Tower во Чикаго и Burj Khalifa во Дубаи, моментално највисоката зграда во светот.