За своето дело „Венера“, скулпторот Жарко Башевски ја доби наградата „Гран-при“ на 15. јубилеен „Зимски салон“ на Друштвото на ликовните уметници, што се отвори вчера во „Мала станица“. Салонот започна со перформанс режиран од Наташа Поплавска, а реализиран во соработка со видеоартистот Емил Петров и балерината Олга Панго.
Со свои дела беа презентирани селектираните 38 домашни автори и 33 гости од Турција, Србија, Бугарија, Косово, Република Српска, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Црна Гора и од Австрија. Освен наградената, голема скулптура на гола жена со џуџест раст на Башевски. Емил Алексиев како селектор на изложбата, по отворањето посочи дека награденото дело на Башевски не е само што технички е изведено како што треба, туку има длабока симболика која треба сите нас да нè засега.
По повод наградата, Жарко Башевски изјави дека е почестен со признанието и од можноста повторно да го види Париз, но и да твори во него. „Венера“ е дело кое тој прв пат го изложува, но и четврт концепт од познатиот циклус што го работи, а кој содржи скулптури кои сè уште не се прикажани во Македонија. По учеството на „Зимски салон“, „Венера“ заедно со четири други негови скулптури во неприродна големина, ќе биде презентирана на веќе договорени изложби во Австрија, Белград и во Цетиње.