Фрида Кало и децении по нејзината смрт не престанува да интригира. Обожователите ги освоила со своите генијални слики, со комплицираната животна приказна и со уникатниот поглед на светот. За неа се снимени голем број филмови, напишани книги и поставени безброј изложби.
Една таква изложба неодамна се одржа во лондонскиот Victoria and Albert Museum, под наслов Frida Kahlo: Making Herself Up.
Меѓу другото, посетителите можеле да го видат нејзиниот рекреативен животен простор каде што таа живеела со нејзиниот сопруг и уметник Диего Ривера од 1929 до 1954 година. Оригиналниот објект носел наслов „Сина куќа“ (името е добиено според мноштвото сини ѕидови), а денес е трансформиран во музеј. Се наоѓа во делот на Мексико Сити наречен Coyoacán и изгледа точно онака како што можеме и да го замислиме домот на оваа исклучителна уметница. Ентериерот е полн со светли бои, како што се жолта и зелена, како и со интересни детали, како што се скелетите над креветот или рачно обоените саксии.