Со гласањето во вторникот, за потврдување на спогодбата која е постигната во дијалозите помеѓу Европската комисија, Советот и Европскиот парламент, Европскиот парламент усвои три законодавни акти – Уредба за управување со енергетската унија, Директива за енергетска ефикасност и Директива за поддршка на обновливите извори на енергија. Новиот законодавен пакет поставува амбициозни цели пред државите членки, со оглед на фактот дека индикативната цел која ја поддржува ЕУ политиката „Енергетската ефикасност на прво место“, наметнува обврска за достигнување на најмалку 32,5 % енергетска ефикасност на ниво на ЕУ до 2030 година. За да се оствари оваа цел, државите членки мора да постигнат нови заштеди започнувајќи од 1 јануари 2021, па до 31 декември 2030, и тоа од 0,8% годишно од финалната потрошувачка на енергија, во однос на просекот од последните три години пред 1 јануари 2019. Покрај наведеното, со Директивата за поддршка на обновливите извори на енергија, зададена е цел за достигнување на 32% удел на обновливите извори во бруто потрошувачката на енергија до 2030 година. Со цел поддршка на енергетската транзиција кон обновливите извори на енергија, воспоставена е и цел од 14% удел на биогориво во секторот сообраќај.
За да се остварат поставените цели, Уредбата за управување со енергетската унија ги обединува сите цели и придонеси на државите членки, по пат на национални енергетски и климатски планови, со помош на кои подобро ќе се планира енергетскиот развој на државите членки и целата Унија. Исто така, со Уредбата се зајакнува регионалната соработка низ Енергетската заедница, и се осигурува следењето на напредокот постигнат на ниво на држави членки, а се бара и 15% интерконекциска цел (поврзување на енергетските мрежи помеѓу земјите членки).