Советот на Град Скопје вчера ја одржа 21-ва седница на која се донесе одлука за утврдување потреба за поставување урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање одобрение за поставување урбана опрема и одобрение за вршење дејност надвор од деловен простор на подрачјето на Град Скопје. Целта на оваа одлука е да се стави крај на узурпирањето на јавниот простор.
Од Град Скопје соопштуваат дека: „Со оваа одлука се врши координација и усогласување на повеќе одлуки од областа на критериумите и поставувањето на времените објекти и урбаната опрема, каде што новина е одвојувањето на постапките за добивање одобрение за поставување урбана опрема и постапките за добивање одобрение за поставување урбана опрема за вршење дејност надвор од деловен простор. Со овие новитети детално е разработена постапката за издавање на одобренијата посочувајќи ги чекорите, придружните документи, плаќањата и елаборатите“.
Исто така одлучено е од идната година да се плаќа надоместок на Град Скопје за застаклување на просторот за кој е издадено одобрение за поставување урбана опрема и одобрение за вршење дејност надвор од деловен простор. Овој надоместок ќе се наплатува во периодот од 1 ноември до 31 март во висина од 15 денари за квадратен метар без пресметан ДДВ.