Компанијата Snøhetta е избрана за проектант на Музејот за деца во Ел Пасо, Тексас, сместен во централниот уметнички кварт. Нивниот концепт предлага објект подигнат над тлото, со цел зачувување на јавниот простор и поставување на интерактивна градина во тој дел. Snøhetta беше еден од трите финалисти на конкурсот покрај Koning Eizenberg Architecture и TEN Arquitectos. Целта на објектот е да ги обедини децата и семејствата во градот, но и пошироко од американскиот југозапад, но и од блиските места во Мексико. Мора да се истакне дека и самите граѓани биле дел од изборот на проектното решение преку активно учество на состаноци, презентации и јавно гласање. Проектот исто така ќе ја поддржи мисијата на музејот за одбележување на мултикултурната заедница и ќе создаде подобро опкружување за соработка, STEM едукација, и критичко мислење. Музејот ќе биде сместен на локација која е во непосредна близина на Историскиот музеј и Музејот на уметноста во Ел Пасо. Оваа локација собира околу 1,5 милиони локални, национални и меѓународни посетители секоја година. Тука е сместен и единствениот двојазичен Музеј на холокаустот во САД. Проектот вреден 60 милиони УСД се очекува да биде комплетно реализиран во 2021 година.