Насловна / Градежништво / Ни требаат или конзорциум на градежни фирми или лични врски со Гадафи

Ни требаат или конзорциум на градежни фирми или лични врски со Гадафи

Либија моментно е едно од најголемите "градилишта" во светот каде се ангазирани водечки светски компании. Единствен начин македонските градежници да се вратат како главни изведувачи, а не како подизведувачи на турски или грчки фирми, е да формираат конзорциум на повеќе фирми кои ке настапат заедно на Либискиот пазар.

Градежните потфати вредни повеќе милијарди долари кои се
изведуваат во Бенгази и Триполи се најдобар доказ за растечката Либијска
економија. Овој растеж едвај ја почувствува светската криза која ја протресе
економијата во другите арапски замји богати со нафта и го одразува резултатот
на начинот на кој Либија управува со својата нафта. Таа со помош на тој ресурс
ја уреди земјата која веќе со години е под санкции, соочена со игнорирање на
меѓународната заедница, се вели во анализата на
Tarek ElTablawy, објавена во AP Business.

– Моментно, Либија е на пат да стане нов Дубаи – вели Carlos Caceres, претставник на
лосанџелешкиот гигант
AECOM, кој работи во Бенгази,
мислејќи на неверојатниот растеж кој го имаа Обединетите Арапски Емирати пред
да ја погодат долговите за време на кризата.

AECOM веќе работи на
проектот за изградба на 160 000 станбени единици низ земјата, вреден околу 80
милијарди долари. Четвртина од овие средства е наменета за реконструкција на
канализациониот систем и градба на сообраќајниците. Тоа е дури дел од 500
милијарди кои Либија има намера да ги вложи во наредната декада за различни
проекти.

Се планира изградба и на нови универзитети, преуредување
на оптоварениот аеродром во Триполи, улиците се преплавени со јапонски
автомобили на Тојота и Хонда, а кафулињата никнуваат на секој ќош.

ММФ проценува дека економскиот раст на Либија оваа година
ќе има стапка на раст од 5,4%, додека извештаите на Обединетите нации
наведуваат дека директните странски инвестиции во оваа земја се зголемија
четири пати од 2005 до 2008 година, од милијарда на 4,1 милијарди долари.

– Факт е дека во Либија моментно имаме бум, многу
инженери од Дубаи и од Блискиот Исток доаѓаат во Либија во потрага по работа –
вели
Richard Barber од компанијата HamniParsons.

Ова е спротивна слика од онаа пред десет години кога САД
и воведоа санкции на Либија поради наводната Гадафиева поддршка на
терористичките организации и програмите за масовно уништување.

Гадафиевата решеност да се отстранат ваквите сомнежи
резултираше со испорака на двајца осомничени за соборување на авионот во
несреќата над Локерби, Шкотска, 1988 г., но и со плаќање на отштета на
семејствата на 270-те настрадани. Потоа САД повторно отворија амбасада во
Либија, а нафтените компании од САД и Европа побрзаа да дојдат во земјата со
докажано најголеми нафтени резерви на Африканскиот континент.

Дополнително, владата направи многу да воспостави нова
деловна клима и наскоро започна рапиден раст на приватниот сектор како резултат
на мерките што биле со изненадувачки капиталистички карактер во една
социјалистичка земја, како што забележаа аналитичарите.

 

Денешните проекти се исто толку продукт на контрадикција
колку што се одраз на либиските прилики. Невработеноста, според податоците на
CIA, се движи околу 30%, а младите во Либија што го
сочинуваат мнозинството на жители, се борат на секаков начин да дојдат до
покрив над глава. Тоа овде, како и во останатиот арапскиот свет е обврзувачка
предбрачна ставка.

Реформиран е и банкарскиот сектор. Италијанската
Уникредит банка неодамна доби прва меѓународна лиценца за работење во Либија, а
веќе се зборува дека уште една е на пат да биде отворена. Меѓутоа,
Tarek Alwan директорот на
консултантската либиска фирма, вели дека има уште многу да се направи, како што
е на пример пошироката употреба на кредитните картички како замена за парите во
готово.

Најпроблематично за либиската економија е имиџот на
земјата и непредвидливата политика. Скоро ништо не се случува без влијание на
Гадафи, кој е на чело на нацијата веќе 40 години. Тој и понатаму е веројатно
најголемата поединечна препрека за успешен потполн пристап на Либија на
меѓународната заедница.

Неговата минатогодишна намера да ја распушти владата и
заработувачката од нафта да ја проследи директно на народот, ги загрижи сите
експерти. Овој потег, за кој тој кажа дека е неопходен заради големата
корупција во системот, не е на крајот спроведен во дело.

На удар се најдоа и нафтените компании кои беа принудени
да ги изменат договорите и на крајот беа приморани да дадат поголем дел од
експлоатираната нафта и да платат поголемо користење.

Сепак, духовите на минатото се уште не ја напуштаат
Либија. Минатиот август, оваа земја славеше по повод ослободувањето на наводно
болниот либиски агент кој дотогаш беше единствен осуден за соборување на
авионот во Локерби, што накратко предизвика политички спор помеѓу САД и
Шкотска. Покрај тоа,
British Petroleum (BP) познат поради
излевањето на нафтената дамка во Мексиканскиот залив, е обвинет за лобирање
осуденикот да се пушти по само осум години затвор, а се со цел компанијата за
себе да обезбеди концесии за нафта.

– Без оглед на тоа дали во овие обвинувања има вистина,
Либија сега плаќа цена за имиџот што ги следи и многу други компании кои сакаат
да работат во Либија  и мислат дека треба
да бидат вклучени во слични приказни за да успеат да го реализираат она што го
имаат наумено – вели
John Hamilton, еден од енергетските експерти за оваа земја.

 

 

Од своја страна, Либијците се едноставно посветени на тоа
да го надокнадат пропуштеното време. Низ Бенгази сега поминуваат нови
канализациони цевки и електрична мрежа. Во Триполи, турската компанија
EMSAS Contruction го гради Bab Tripoli – луксузен комплекс
на високи згради по должина на патот кон градскиот аеродром (вредноста на
проектот е 1,3 милијарди долари). Комплексот треба да биде завршен во ноември
оваа година, а ќе содржи 2000 станови, болница и огромен шопинг центар со
лизгалиште и куглана со 22 патеки.
TAV Constuction, уште една турска фирма, заедно со грчката компанија Consolidated Contractors Co, моментно ја завршува реконструкцијата на аеродромот во
Триполи што треба да биде готов во март следната година. Проектот вклучува два
нови терминали кои можат годишно да примат 20 милиони патници.

Компанијата Hill International од Њу Џерси, САД, е ангажирана  за пружање консултантски услуги за
проектирање на 25 нови универзитетски кампуси со вкупна вредност од 8 милијарди
долари.

Наскоро во Триполи отвораат свои хотели и познатите
синџири на хотели како што се
Intercontinental, Sheraton и Marriot, затоа што Либија
освен деловниот свет се повеќе привлекува 
и туристи со своите плажи на Средоземното море и старите градбите од
времето на античкиот Рим.

Во земјата се воведува и 4G безжична мрежа, а брзата железница помеѓу Сирта и
Бенгази ќе поминува паралелно со морскиот брег во должина околу 500 км.
Постојат и планови според кои
General Motors ќе гради пруга преку Либија, од Тунис до Египет, т.е.
низ целото африканско Средоземје.

Gene Cretz, првиот американски
амбасадор во Либија во последните 36 години вели дека Либијците се задоволни
што имаат американски компании затоа што тие покрај самите инвестиции носат и
многу други вредности. Меѓутоа, тие не сакаат компании кои ќе дојдат да
заработат пари и ќе  заминат, туку ги
сакаат оние што ќе останат и ќе продолжат со работа во оваа земја.

 

 

Наталија НОВАКОВИЌ- ДОБРЕВСКА


 

 

Испрати коментар

Scroll To Top