Насловна / Вести / Од фрагментираност кон резилиентност

Од фрагментираност кон резилиентност

Скопје е дифузен резултат на сукцесивни недовршени циклуси за развој на град кои секогаш биле ориентирани кон трансформирање на сегашноста со идеи за замислена иднина. Oтсекогаш во планерските активности се зборувало со терминологија на антагонизми: старо – ново, традиционално – модерно, прогресивно – регресивно, минато – иднина… наместо со терминологија на продолжување, надоврзување, надополнување и комплементирање. Преодите меѓу концептите за градот, резултирале со формирање на архипелаг од урбани фрагменти, и стимулирале појава и на „празнини“ т.н. постурбани фрагменти (постиндустриски, постинфраструктурни, маргини и неодредени енклави итн.) кои подлежат на деградација, губење на програма и функција и илегална изградба во контраст со делови од град кои стануваат сцени за реализирање на национални агенди.
Фрагментираноста и дисконтинуитетот во развојот на Скопје не можат да се вратат назад! Но дали се тие исклучиво негативен феномен, или можеби потенцијал за создавање на подобар град? После бројни обиди за утописка стандардизација и контрола над Скопје, нели е време градот да стане „експериментално“ тло за поинаков модел на урбанизација?!
Досегашните планерски пристапи за Скопје, го третирале градот како строго „послушна“ креација – едни настојувале да раскинат со минатото и сегашноста, и да иницираат општествени промени преку идеални изградени форми, други наместо како просторна конфигурација, го третирааат градот како површина на која се дистрибуираат зони и намени според регулативи и нудат правила за иден развој. Со оглед на хетерогениот убран контекст на Скопје од слоеви со различно ниво на историска, економска, социјална и природна резистентност, треба да се обидеме да го препознаеме потенцијалот на градот од реалноста, онаква каква што е, и да обезбедиме квалитет за градот од неговите „слабости“, наместо да увезуваме и наметнуваме концепти однадвор.
Како град кој поминал низ бројни разурнувања и возобновувања, за иден развој на Скопје треба да се размислува како да се создаде град чијшто систем е способен да ги прими сите променливи побарувања и непредвидливи влијанија, без да се промени во друг систем – фрагментираниот град да стане резилиентен град!
Воспоставување резилиентност, подразбира холистички пристап кој ги опфаќа сите елементи на системот, нивниот однос, поврзаност, одбивност и протокот помеѓу нив. За Скопје треба да размислуваме како за еден отворен систем, наместо како за ограничен ентитет. Интервенциите за градот треба да се флексибилни и адаптивни „експерименти“ кои ги уважуваат грешките од минатото, и оставаат простор за евентуални идни пропусти кои нема да го нарушат текот на трансформацијата.

ПЕЈЗАЖЕН УРБАНИЗАМ ЗА СКОПЈЕ

Постурбаните фрагменти се „празнини“ – предпејзажи со потенцијал да обезбедат резилиентна структура за градот Скопје. Појдовната претпоставка е дека пејзажот служи како оперативна алатка за возобновување на дивергентната реалност на Скопје. Пејзажот се имплицира како медиум за пренамена, трансформирање и рекалибрирање на урбани контексти кои се соочуваат со феноменот на фрагментација. Пезјаж не се однесува на глетка на природа, идилично генеричко зеленило, хортикултурно уредување итн… Современиот пејзаж се третира како просторен медиум за градоградење кое ја опфаќа комплексноста на местата – нивната различна физичка, природна, артифициелна, биолошка, културна, енвиронментална и естетска вредност, и како таков воспоставува функционирачка матрица на урбаното ткиво.
Во еден град каде што архитектурата е наметната како безвременски тоталитет и планирањето оперира со воспоставување контола, детерминизам и хиерархија, неопходно е да се исчекори кон она што го нуди пејзажниот урбанизам: привременост, комплексност и суптилна контрола. Доколку обезбедиме отворени и експериментални стратегии за Скопје, кои ќе подлежат на постојано диференцирање и усовршување, ќе се овозможи создавање на сложени урбани структури, кои ги надминуваат резултатите од планерските активности со традиционалните урбани форми.
Слика 1. Урбани и пост-урбани фагменти како урбано поле

Урбани и пост урбани фрагменти како урбано поле

Демаркацијата на урбаните и постурбаните фрагменти, претставува акт на препознавање на постојното, наместо изум. Разбирањето на нивната конститутивна форма и вреднувањето на нивните просторни карактеристики е важен предуслов за откривање на потенцијалот за идниот развој. Доколу фрагментите се третираат како лабаво дефиниран флуиден агрегат кој се заснова на порозноста и поврзаноста на деловите, се создава состојба на урбано поле за Скопје (field conditions1). Taквата состојба е способна да ги прифати постоечките разлики во градот, а сепак доволно издржлива да прими промени без да ја наруши внатрешната кохерентност. На овој начин, тоталитетот на градот станува целост која не е ограничена и завршена, хиерархиски подредена и затворена, туку подготвена за пермутации, отворена кон времето и просторот и само провизорно стабилна.
Првата алатка на урбано поле е воспоставување на мрежа како реорганизирачки мотив за сите теренски диспозиции во градот. Таа го дефинира „просторот за игра“ и создава еден провизорен организирачки систем со можности за интерни регулации и конекции преку физички и процесни димензии.

КОНТИНУИРАНИ ПЕРФОРМАТИВНИ ПЕЈЗАЖИ

Идејата за континуирани пејзажи за Скопје е идеја за еднаков квалитет, наместо спротивставеност на урбано и рурално, изградено и неизградено, централно и периферно… и нејзините зачетоци датираат од Генералниот план од 1965, кој предвидува холистички систем од зелени површини и коридори што го поврзуваат градското зеленило со вонградското од околните планини во единствен вегетативен систем.
Со континуирани пејзажи се имплицира намера за заштита, возобновување и промоција на јавниот домен, поврзувајќи ги притоа сите фрагменти во градот во еден отворен систем кој ја почитува нивната автономност. Континуираните пејзажи се отворени простори во градот кои минуваат низ изграденото ткиво и се протегаат сè до руралното окружување на градот овозможувајќи проток и дистрибуција на ресурси со различна природа и интензитет: вегетација, воздух, информација, енергија итн. како и на луѓето во и надвор од градот.
Слика 2. Континуирани пејзажи

 

Континуирани пејзажи

Континуираните пејзажи се сукцесии од програмски и функционални диверзитети. Тие можат да бидат комуникациски патеки, оски на движење и патување, места на културни собири и социјализација, центри за чување и размена на информации, локации за производство, складирање и дистрибуција на енергија, локалитети за урбана агрикултура, производство и енвиронментално интензивирање… Различноста на нивната природа зависи од контекстот низ кој поминуваат, односно од капацитетот на тлото.
Воспоставувањето на континуирани пејзажи во Скопје, не подразбира рушење на делови од градот, туку инволвирање и испреплетување на просторни карактеристики кои постојат. Нивниот развој може да започне на мал размер со пунктуални интервенции низ градот, кои постепено ќе прераснат во пространи системи од повеќе помали или поголеми пејзажи, меѓусебно поврзани физички со линеарни и инфраструктурни елементи или без инфраструктурно „паметно“ поврзани преку комуникациски технологии (размена на информации за микроенвиронментални аспекти, функции на простори, дидактички информации, мобилност итн…). Каков и да е континуитетот, најважно е да се обезбеди екстензивност на динамичките процеси кои се случуваат во градот и дистрибуција на нивниот бенефит на поголем размер.
Планирањето на континуираните пејзажи, се заснова на претходно елаборираната мрежа која нуди провизорна организација на сукцесивна експропријација на простори за континуирани пејзажи. Почетокот и крајот на пејзажите е на двата спротивни краја од градот со што се рекреира градот во отворен и безграничен ентитет, без јасна поделба меѓу внатре – надвор, природно – артифициелно, урбано – рурално…
Пејзажот за Скопје, не треба да стане само модел за планирање на градот, туку и модел за процесите во градот. Формата на пејзажите треба да произлезе од нивната перформативност – резултат на активности и однесувања на објектите и субјектите, и да се создаде простор од процес.
Профилот на пејзажите произлегува од нивната конститутивна форма, материјални карактеристики и конфигурација, кои ја одредуваат перформативноста на самиот пејзаж. Зависно од предусловите на контекстот, конфигурација на теренот, тврдина и мекост, пермеабилност и длабочина, квалитет на воздухот, водата и почвата, достапност на природни ресурси, социјална стабилност итн. перформативните ефекти можат да бидат: способност да се вдоми жив свет и стимулирање на биодиверзитет, апсорпција на загадување, микроклиматско ублажување, задржување или прочистување на вода, производство и складирање на енергија, овозможување на мобилност, јавни сервиси и грижа, настани итн… Така, станува нов начин на активирање на простор и произведување на урбани ефекти, поинакви од традиционалното планирање со изградени форми.
Стратегијата за континуирани перформативни пејзажи за Скопје во суштина претставува идеја за интензивирање на реалноста и сегашноста. Целта е размислување кон зголемување на капацитетот на градот за прифаќање и стимулирање на трансформации, вклучително и оние од непредвидливата иднина. На тој начин ќе создадеме динамичен град, способен за обновување на својот континуитет – резилиентен град!

Автор: Дана Јовановска, дипл.инж.арх.

(објавено за Пресинг во двобројот со Порта3)

Испрати коментар

Scroll To Top