Модната куќа Burberry долго се придржувала на праксата на палење на непродадената гардероба, со цел да ја одржи репутацијата на ексклузивен бренд. Од оваа година, таа традиција завршува под влијание на агенциите и активстите за заштита на животната средина. Имено, само во текот на 2017 година, претворена е во пепел и прав облека во вредност од 36 милиони долари. Во минатото, компанијата во своја одбрана го користела аргументот дека сепак енергијата генерирана од согорувањето ја користела во различни технолошки цели.
Сепак 2018 година е пресвртница во политиката на брендот. Burberry воведува сериозни промени, па во иднина непродадените производи ќе ги рециклира или ќе ги проследи во локалните добротворни установи. Паралелно со оваа револуционерна промена, компанијата објави и дека веќе нема да користи крзно во своите модни колекции. „Модерниот луксуз подразбира одговорност кон животната средина и општеството“ велат од компанијата за овие свои чекори кон одржливост во бизнисот.