Насловна / Архитектура / Пријатна и организирана средина за работа

Пријатна и организирана средина за работа

Компанијата ГЕНТЕРМ е основана во 1991 година во Јужна Каролина со еден производен погон и истражувачки центар. Мотото на компанијата од основање па сè до денес е: ,,Работиме со најсовремени технологии и врвни производи, применуваме технологија до следното скалило“. Денес таа е една од водечките  компании за управување со топлина. Почнала со производство на термички електрични уреди за авијација, а во 1996 година го претставува новиот производ првото седиште за автомобили со греење и ладење базирано на нивната нова револуционерна термоелектрична технологија со што се овозможува поголем комфор во возилата. Компанијата од основање до денес расте со примена на иновации во термичката технологија, следејќи ги брзите промени и барањата на пазарот. Компанијата продолжува да истражува, да произведува и да расте и денес има 13.000 вработени во производните погони во 13 земји во светот и тоа во САД, Европа и Азија.

DSC04697

Во Република Македонија компанијата ГЕНТЕРМ изгради фабрика за производство на грејачи за седишта на автомобили во ТИРЗ Алинци – Прилеп. Целта на изградбата на оваа фабрика е развој на компанијата Гентерм и приближување на пазарот во Европа. Фабриката е проектирана во 2015 година од проектантската куќа ДСЦ ДИЗАЈН – ДООЕЛ Скопје, одговорни проектанти се архитектите Ѕвонко Тасевски и Светлана Цветковиќ, а градена е од 2015 до 2018 година. Инвеститор е ГЕНТЕРМ  Македонија ДООЕЛ.

DSC04698

Локацијата на фабриката се наоѓа во Технолошко-развојната индустриска зона во Прилеп, Блок 6, КО Алинци. Површината на локацијата на која е изградена фабриката е  П=37.497,00 м2. Вкупната изградена површина е П=22.000,00 м2. Според намената објектот спаѓа во категорија „Г“- објект за производство, трговија и сервиси односно „Г2“ лесна и незагадувачка индустрија. Локацијата на ТИРЗ Прилеп КО Алинци како и фабриката на ГЕНТЕРМ се наоѓаат покрај експресниот пат Прилеп-Битола.

Фабриката е проектирана и градена согласно барањата на инвеститорот ГЕНТЕРМ Македонија ДООЕЛ, важечката законска регулатива за ваков вид објекти во РМ и стандардите на компанијата кои важат во сите нивни фабрики.

DSC04687

Врз основа на дадената функционална технолошка шема од страна на инвеститорот за главните производни линии со нивна потребна површина и минимална висина и сите потребни комуникации во производниот погон и комуникациите со секундарните функции, магацини, енергетски блок и административен дел изработена е проектната документација за истиот. Дадено е барање за сите инсталации и енергетски потреби  на објектот согласно технолошкиот процес за непречено одвивавње на производниот процес 24 часа во денот.

Дадено е и посебно барање, за да се нагласи архитектурата на административниот дел, а останатите простории и блокови да ги задоволат барањата за непречено одвивање на производниот процес со функционална едноставна архитектура.

Во комплексот изградени се повеќе функционали целини поврзани меѓусебно и тоа  производен погон со магацин за готови производи, магацин за суровини, енергетски блок, административен дел и портирница до главниот влез како посебен објект.

Ai01_SITE_LAYOUT_WITH_GROUND_FLOOR

Главниот влез во фабричкиот комплекс е од северозападната страна, улица 1 која е и главна сообраќајница во ТИРЗ Прилеп.Тоа е влез за сите вработени, за лесни коли, и дотур на производи за кујната и ресторанот. Контролата на главниот влез е преку портирница и со електронски и видеонадзор.

Уште еден влез е проектиран на североисточната страна од улица 2, а истиот се користи за влез на товарни возила и е контролиран само електронски и со видеонадзор.

Паркирањето е решено во склоп на локацијата и тоа обезбедени се 10 паркинзи за товарни возила, 92 паркинзи за лесни возила и простор за паркирање велосипеди со П=160м2.

DSC04691

Основна функција на објектот е производство на грејачи за седишта за автомобили. Производниот процес се одвива во една производна хала, приземна со висина Н=8,0 м до  под кровната конструкција. Површина на халата е П~9.000,00м2. Производната хала е во централниот дел на локацијата и целиот комплекс. Истата не е природно проветрена и осветлена. Тоа е затворен простор кој се осветлува и проветрува вештачки, а температурата се одржува постојано 22 оЦ во зима и 26 оЦ во лето. Производната хала е со минимален ред на столбови внатре заради непречено одвивање на процесот. Транспортот на суровини, готови производи и отпаден материјал се транспортира со виљушкари и транспортен воз „milk road“. Подот во производниот погон е епоксиден лиен под на кој се обележани правците на движење на транспортните средства.

DSC04690

Конструкцијата на халата е со армиранобетонски столбови и челични решеткасти носачи врз кои е поставен кровниот покривач, сендвич панели, два лима со термоизолација меѓу нив.Фасадните ѕидови се исто така од панели со два лима и термоизолација меѓу нив, со ш=1,0 м и д=10 см.

Магацинот за готови производи е во склоп на производната хала, но одделен е од неа со пожарен ѕид и пожарни роло врати 3,0/3,5 м со брзина на отворање-затворање 3 м/сек. Истиот има еден фасаден надворешен ѕид преку кој е поврзан со бетонска истоварна рампа.

Магацинот за репроматеријали е посебен блок поврзан со магацинот за готови производи со една роло ПП врата 3/3,5 м со брзина на  отворање 3 м/сек. Со пократката фасадна страна е поврзан со бетонска истоварна рампа.

На југозападната страна, директно поврзан со магацинот за готови производи се наоѓа енергетскиот блок со П=430 м2. Во него е сместена целата опрема за снабдување на фабричкиот комплекс со потребна енергија како трафостаница, клима-комори, пумпи за спринклер системот за ПП-заштита. Непосредно до енергетскиот блок на отворено, сместени се подземни резервоари за нафта, надземен резервоар за вода за спринклер системот со зафатнина В=1.230 м3, чилери, дизел-агрегат и др. Во енергетскиот блок проектирана е и просторија за инженери од каде се следи целокупната потрошувачка на енергија во целиот комплекс, а исто и исправноста на сите вградени системи во објектот. Тоа е т.н. БМС (Building Management System).

DSC04708

За потребите од топла вода на рамниот кров на административниот објект поставени се соларни панели. Изградена е и пречистителна станица за отпадни води. Управувањето со отпадот е контролиран процес во целиот комплекс.

Во склоп на енергетскиот блок е проектирана  просторија за балирање и складирање на отпадот. Отпадот во производната хала се селектира во самата хала и се пренесува во оваа просторија каде се балира и складира. Отпадот се селектира по тип текстил, хартија, метал-жици, машинско масло, батерии и др. Одовде отпадот се носи во посебен простор на отворено кој служи за складирање отпад, а кој има површина во која може да се сместат  6 контејнери со зафатнина В=6 м3, 15 контејнери со тркалца и зафатнина В=1 м3 и преса за балирање стиропор.

Отпадот во сите останати простории во комплексот се собира селектиран во посебни корпи и канти и тоа посебно хартија, посебно пластика и посебно комунален отпад.

Во склопот на фабричкиот комплекс проектиран е и блок за администрација и вработени. Овој блок е со катност П+1. Површината на административниот блок е П= 2.300 м2. На приземјето се сместени следните содржини:  влезен хол, една училна за континуирана обука на вработените, гардероби и санитарии за вработените, кујна со трпезарија, а на катот се канцелариите и сали за состаноци. Гардеробите се димензионирани за вкупниот број на вработени, кои работат во три смени, додека санитариите се димензионирани спрема бројот на вработени во една смена. Односот на вработени мажи : жени е 30 % : 70 %. Вкупниот број на вработени во фабриката е 1.500 луѓе. Работат во три смени.

IMG_1079

Во административниот дел на приземјето е предвидена кујна и ресторан кој ќе ги опслужува сите вработени. Ресторанот е со П=369,50 м2 и во исто време може да прими 225 вработени. Ресторанот  има топла врска со производната хала, администрацијата на првиот кат и влезниот хол.

На катот се проектирани канцеларии за вработените, сали за состаноци, една мала училна за 8-10 луѓе, чајна кујна, санитарии за вработени и простории за раководството. Бројот и големината на канцелариите е во согласност со проектната програма и барањата на инвеститорот.

Канцелариите од ходникот се преградени со стаклени ѕидови. Подот во администрацијата е линолеум во светлосива боја, а ѕидовите и плафоните се бели. Канцелариите се природно вентилирани и осветлени. Салите за состаноци и другите помошни простории се вештачки осветлени и вентилирани. Салите за состаноци визуелно, со фиксен прозорец, се поврзани со производната хала. Греењето и ладењето во административниот дел е со фенкојлери.

DSC04680

Административниот блок e дизајниран како современа административна зграда и тој прв се гледа од главната улица и од главниот влез во фабричкиот комплекс. Фасадата е застаклена со повеќеслојно термопан стакло, а затворените ѕидни површини се обложени со панел од лим со термоизолација. За заштита од сонце поставени се алуминиумски жалузини, во боја како фасадата. Бојата на фасадата е во боите на ГЕНТЕРМ сино и портокалово, со нагласени коси елементи, портал кај главниот влез и настрешница во портокалова боја. Фасадата на административниот блок е изведена од компанијата Торакс од Скопје. Во ентериерот на административниот блок преовладуваат исто така боите на ГЕНТЕРМ сино, портокалово и бело.

Термичките барања за енергетски ефикасна фасада се температура од 22 о Ц зиме и 26 о Ц во лето. Административниот блок според изведените мерки за енергетска ефикасност е категоризиран во категорија Б.

Непосредно до административниот блок поставена е настрешница, каде што вработените може да користат одмор на отворено или да пушат.

Сите  простории во фабричкиот комплекс зрачат со една пријатна  и организирана средина за работа.

Секако вреди да се спомене и да се нагласи што го одвојува овој фабрички комлекс од другите објекти, пред сè функционалноста на целиот комплекс, кратките комуникации, задоволување на сите енергетски потреби за објектот, естетиката и едноставноста, начинот на работа и грижата за вработените, околината и екологијата.

Фасадата е застаклена со повеќеслојно термопан стакло, а затворените ѕидни површини се обложени со панел од лим со термоизолација. За заштита од сонце поставени се алуминиумски  жалузини, во боја како фасадата. Бојата на фасадата е во боите на ГЕНТЕРМ сино и портокалово, со нагласени коси елементи, портал кај главниот влез и настрешница во портокалова боја. Фасадата на административниот блок е изведена од компанијата Торакс од Скопје.

 

Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл. инж. арх.

LOGO-TORAX

 

Испрати коментар

Scroll To Top