Насловна / Арт и дизајн / Офицерски дом доби црвен јавор, публиката на АКТО дегустираше италијански специјалитет

Офицерски дом доби црвен јавор, публиката на АКТО дегустираше италијански специјалитет

Со две уметнички инсталации кои имаат за цел да поттикнат грижата за сопственото општество, вчера во Битола почна 13-тото издание на АКТО фестивалот за современи уметности.
Во стилот на концептот на фестивалот, кој оваа година се одвива под мотото „Општество во изградба“, во дворот на Офицерски дом бесплатно се делеа садници и се готвеше италијански специјалитет на сончева енергија.

IMG_1205
АКТО во соработка со уметникот Никола Узуновски осмислија Соларна кујна во која храната се готви на обновлив извори на енергија. Станува збор за еко кујна, иновативен проект кој може да најде примена и во секојдневниот живот. Кујната е изработена од нерѓосувачки челик, со помош на сонцето се загрева плотна, која потоа се користи за термичка обработка на храната.
За публиката на АКТО Узуновски успеа да зготви италијански специјалитет со примеси од македонската кујна. Од мешавината од туна, маслинки, маслиново уље и пиперка ајварка, типична за нашето поднебје, се доби едени вид соларната “манџа” сервирана на лепчиња и така дегустирана од посетителите.

IMG_1405
Узуновски вели дека во тежиштето на идејата е спојот на науката и уметноста на таков начин што корист ќе има целото општество.
-Кога уметоста се обидува да претставува некакви вредности треба да биде истражувачки ориентирана и да проучува. Но и науката треба да се инспирира од уметноста и да црпи од нејзината креативност како би влијаела на социјалниот живот. Кога ме викнаа Филип и Ивана на АКТО имав два концепти во глава, едниот е соларната кујна, а вториот е тоа да се направи во соработка со студенти и научници, што се вклопи во конктекст на фестивалот. Во Македонија фалат вредности, фали уметност и фали наука, па сакавме тоа да го вратиме на сцена. Манџата испадна некаква варијација на ајвар, па мислам дека со мали надградувања во иднина соларната кујна и ќе може да се користи за подготовка на нашето традиционално јадење – вели Узуновски

IMG_1443
Освен што доби неколку залаци вкусна храна зготвена на уникатен начин, публиката за дома си понесе и мали садници со растенија преку проектот на уметницата Катарина Поповиќ од Белград. Во насока на позеленување на средината проектот треба да ги поттикне домаќинства да придонесат во битката против градежната експанзија и загадувањето. Идејата на Поповиќ на овој начин има намера да пушти корени во секој поединец индивидуално за сопственото учество во заштитата на животната средина.
Битолчани понесоа со себе жив организам или растение, но добија и растечки споменик, како што го нарекува Поповиќ својот проект. Во дворот на Офицерски дом беше засадено црвено јаворово дрво, придонес на АКТО за запуштениот простор, а кое ќе остане во аманет и за идните генерации.

IMG_1617
-Црвеното јаворово дрво е еден вид социјална скулптура, но и социјална кореографија. Од денес тоа ќе биде жив растечки споменик, споменик на автономијата на растот, на негувањето на кревкоста, на почетокот на рехабилитацијата, на трпеливоста на обновата, на отелотворувањето на секојдневната трансформација, на солидарноста со заедницата, на соживот, на другото што не надминува, на уметноста која р’ти и се растворува во градските корени – вели уметницата.
АКТО оваа година се одржува од 23-ти до 25-ти август на неколку локации низ Битола. Во кураторскиот тим кој ја подготви програмата учествуваат Ивана Васева, Биљана Тануровска – Ќулавковски, Виолета Качакова и Филип Јовановски.

IMG_1724

Испрати коментар

Scroll To Top