Градот Скопје пред една недела со „Пелагонија АД“ – Гостивар го потпиша договорот вреден 125.460.081 денари за изведба на втората фаза од изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“. Oваа идна сообраќајница ќе биде шест коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки. Рокот за изведба на втората фаза е 18 месеци со што булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ ќе се користи на целата траса од населбата Бутел 2 кон скопската обиколница.
Градските власти во моментов ја привршуваат изградбата на почетната фаза од оваа сообраќајница, на потегот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до улицата „Натаниел Кучевишки“.
Оваа траса се гради уште од декември 2015 година и во повеќе наврати се одолговлекуваше нејзиното пуштање во сообраќај. Сепак, без реализација на втората фаза, првичните 1.000 метри од овој булевар би завршиле во нива, бидејќи во моментов не постои соодветна инфраструктура во населбата Бутел 1 што би го примила планираниот проток на возила.
Изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ до клучката „Бутел“ на скопската обиколница ќе овозможи растеретување на сообраќајниот метеж на улицата „Бутелска“ и ќе го намали времето на патување до центарот на Скопје за жителите од населбите Бутел – 1, Радишани и околните места.