Започнато е рушењето на Домот на револуцијата во Никшиќ, Црна Гора, прочуениот бетонски објект кој е изграден по проект на словенечкиот архитект Марко Мушич. Меѓудругите негови значајни објекти се вбројува и Универзитетскиот кампус „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Иако Домот на револуцијата во Никшиќ е изложен на неодамна отворената изложба во Музејот на модерна уметност МоМА во Њујорк, како карактеристичен пример на бетоснки објект во поранешна СФРЈ и иако за истиот е организиран конкурс за негово реновирање, по се изгледа Домот на револуцијата ќе биде срамнет со земја. Како што пренесува ArchPaper, неговото рушење е започнато и на негово место ќе се подигне супермаркет.
Изградбата на Домот на револуцијата по проектот на Марко Мушич, отпочната е на 18 септември 1978 година и требало да биде објект кој ќе ја претставува општествено-политичката структура на Никшиќ, а воедно и ќе оддава почит на паднатите борци за слободата и социјалистичката револуција.
Меѓутоа по 11 години изградба, работите на Домот на револуцијата се прекинати и објектот останал незавршен. А сега ќе биде и срушен.
Во 2017 година е распишан конкурс на кој победило решението на тимот од Словенија, Швајцарија и Црна Гора. Sadar+Vuga од Љубљана, HHF од Базел и Архикон од Подгорица. Нивниот проект предвидувал реконструкција со користење на посторечката, изградена структура со доградба во вид на минимална интервенција која ќе го оформи овој објект во нов тип на урбан простор.
Победничкото конкурсно решение
И покрај тоа што оваа постапка влеваше надеж дека Домот на револуцијата ќе се заврши после 30 години, тоа очигледно нема да се случи бидејќи е започната работата на друго решение кое го игнорира конкурсот и локалната заедница.
А во меѓувреме норвешката музичка ѕвезда Alan Walker дел од спотот за песната „All Falls Down“ го снимил токму во Домот на револуцијата во Никшиќ.