Насловна / Архитектура / 50 ГОДИНИ ОБНОВА И ИЗГРАДБА НА СКОПЈЕ (20)

50 ГОДИНИ ОБНОВА И ИЗГРАДБА НА СКОПЈЕ (20)

ИСТОРИСКО-КРИТИЧКИ ПОГЛЕД НА АРХИТЕКТУРАТА

АРХИТЕКТУРАТА НА ДВА ПАРАЛЕЛНИ СВЕТА 2.

20-1 20-1a
Конкурсот за адаптација и надградба на Градскиот трговски центар (2008) резултира со извонредно решение на првонаградениот труд од Ј. Ивановски, В. Десков, А. Ивановска, Д. Ивановски и Е. Пазарџиовска. Авторите во целост го почитуваат антологискиот автентичен објект на ГТЦ, при што јасно ги разграничуваат додадените делови, особено со транспарентноста и повлеченоста на новододадениот кат. За жал, овој проект не започна да се реализира, така што се распишаа нови 2-3 конкурси за преобликување и „микроклиматско“ затворање на објектот. Најпосле е распишан уште еден конкурс за да се добие решение, кое „треба стилски да се надоврзува“ на околните сè уште ненаправени интервенции во рамките на проектот Скопје 2014.

20-2 20-2a
На 30 мај 2013 година во јавноста сепак протече информацијата дека „победници“ на последниот конкурс (јавна набавка со два труда) се младите архитекти Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, кои предлагаат преоблекување на ГТЦ во „барок“ (?!), како што претходно тоа го направија и со објектот на Владата на Р. Македонија.

20-3
Познато е дека и двата објекти со своите архитектонски референци претставуваат културно наследство на модерната и треба да се сочува нивната изворност. На таквите неодговорни постапки, покрај Асоцијацијата на архитектите на Македонија, би требало да реагира и Дисциплинската комисија на Комората на овластени архитекти и инженери, бидејќи согласно Кодексот на професионална етика, нејзините членови  се должни да ги почитуваат авторските права и да не соучествуваат во ограничуањето на иноваторската слобода.

20-4
Непобитен е фактот дека во историјата на архитектурата постојат примери каде постарите изградени објекти се преоблекуваат во нови стилови, но проектот Скопје 2014 е прв пример за преоблекување на веќе изградените модерни објекти со стари еклектични стилови, па затоа не треба да не шокираат книгите со наслови како што е “Скопје – светско копиле“.

20-5 20-5a 20-5b
Групата автори SCArS + Архитектри победуваат со својот проект на конкурсот за административна зграда на Општина Карпош (2010) со нагласена модерна архитектура, каква што е и пошироката околина. Објектот е во вид на еден компактен кубус со покриен централен хол по целата височина од 5 нивоа, додека во сутеренот е предвиден паркинг за 70 возила. Тој има дополнителна променлива обвивка, која треба да ја зголеми неговата енергетска ефикасност, што е потпомогнато и со фотоволкаични елементи врз рамниот кров.

20-6
Охрабрува фактот што во рамките на конкурсните трудови за капитални објекти во поширокото градско подрачје доминира слободата на архитектонското творештво. Така на пример, на конкурсот за Универзитет за информатички технологии со студентски дом и спортска сала (2008) во населбата „Јане Сандански“, мнозинството учесници настојува предложената архитектонска композиција да потсетува на компјутерски инсталации. Лилјана Кик и Веселинка Герасимова-Петровска предлагаат повеќеслојно павилјонско решение со динамизирани хоризонтали во живописни бои.

20-7
Валентино Константиновски на иста тема во населбата „Карпош“ нуди модерна и лесна „монтажно-демонтажна“ структура, која уште повеќе ја нагласува со присуството на јарболи од сајли, како и со крански конструкции. Тоа потсетува на идејата на Ричард Роџерс за „привремена архитектонско-уметничка композиција во незавршениот развој на објектот“.

20-8
Меѓу значајните капитални зафати во поширокото подрачје, секако видно место зазема хотелско-станбениот ансамбл ТЦЦ Гранд плаца во населбата Тафталиџе. За него првобитното идејно решение (2008-2009) е изработено во ИСП „Бетон“ од страна на Лојза Трпковска-Шутиновска и Викторија Скаричева, но со понатамошната изработка на проектите тоа е целосно променето. Според новата проектна програма на богатиот инвеститор, Лојза Трпковска-Шутиновска ги изработува идејниот и основниот проект (2010-2011), додека изведбениот проект (2011-2012), таа го работи сукцесивно со реализацијата на овој голем ансамбл.

20-8a
Хотелскиот дел на ансамблот има над 90 легла, вклучувајќи и еден претседателски апартман, ресторан со 180 седишта, сали за состаноци на првиот кат, како и СПА-центар на седмиот кат. Хотелот е придружен со посебен сместувачки капацитет од 24 апартмани за деловни партнери со посебен влез. За овие две основни содржини се обезбедени 90 паркинг-места во сутеренот и уште толку на партерот. На северниот дел од овој несекојдневен ансамбл се наоѓа ламела со 56 станови.

20-8b
Преку транспарентната фасадна обвивка на хотелскиот дел се отвораат широки атрактивни визури кон планината Водно, а специјалното кристално стакло обезбедува ефикасна заштита од надворешни влијанија, како во зима, така и во лето. Од тоа и од умешниот функционален склоп на разновидните содржини произлегува архитектонскиот израз, кој може да се сврсти во актуелниот неомодернизам со висок технолошки сјај.

20-1020-9
На преминот од првата во втората деценија на векот во централното градско подрачје продолжува институционално поддржаната, но најчесто „стилски“ насочена градежна офанзива. За изненадување е тоа, што предмет на интерес станува и коритото на р. Вардар. Се градат „нови“ мостови, а се „редизајнираат“ оградите и светлосните елементи на постојните. За таа цел се прифаќаат ретроградни проекти, кои гледат наназад, а не како во цел свет кон прогресивните концепти, како што е неоконструктивизмот. Во самото речно корито (?!) се поставуваат живи врби како „уметнички инсталации“, па дури и цврсти градби во вид на „стари гемии“ за угостителски потреби.

20-11
Од друга страна, многу корисна е иницијативата за подигање катни гаражи, комбинирани со деловни простории. Добро е тоа, што само кај некои од нив се инсистира на некаква историцистичка или декоративна надворешност, додека кај мнозинството преовладува модерното обликување во согласност со техничката структура на објектот. Мостовите и гаражите сè уште се во фаза на довршување, така што допрва се очекува за нив да се оформи издржано мислење во поглед на нивното урбанистичко-сообраќајно значење, како и за нивната архитектонска вредност во оформувањето на сликата на градот.
20-12

БИБЛИОГРАФИЈА

Arhitektura XX veka, Umetnostnost na tlu Jugoslavije. Група автори и издавачи, печати Delo, Ljubljana, 1986

Арсовски, Тихо;  Ташкова-Арсова, Нада. Прилози за урбаната историја на Скопје од XIX и почетокот на ХХ век, книга II, Градски комитет за урбанизам и заштита на човековата околина, Скопје, 1988

Арсовски Тихо. Скопје-урбанизам и архитектура, 1948-85, книга III. Собрание на град Скопје, 1989

Архитектура Скопје – АСК. Каталози од изложби во Музеј на град Скопје, од 1999-2012

Белоусов, В. Н. Современная архитектура Югославии. Стройиздат. Москва, 1986

Биенале на Македонската архитектура, БИМАС I-XVI,  1981-2012, САМ и ААМ, Скопје

Десет носители на наградата Андреја Дамјанов, 1989-99. Бигос, Скопје, 1999

Јордановски, Коле. Скопје – катастрофа, обнова, искуство. Матица македонска, Скопје, 1993

Jordanovski, Kole & Watts, Kenneth. SKOPJE, catastrophe – renewal – experience. Matica makedonska, Skopje, 2004

Константиновски, Георги. Градителите во Македонија, XVIII-XX век. Книга прва. Табернакул, Скопје, 2001

Константиновски, Георги. Градителите во Македонија, XVIII-XX век. Книга втора. Табернакул, Скопје, 2004

Константиновски, Георги. Градителите во Македонија, XVIII-XX век. Книга трета. Табернакул, Скопје, 2007

Кочишки, Александар. Архитектурата во Македонија, 1969-89. Студентски збор, Скопје, 1989

15 години Ново Скопје. Каталог од изложбата на СДАМ, Скопје, 1978

Mijalkovic Milan, Urbanek Katarina. SKOPJE the World’s Bastard, architecture of the dividet city. Wieser, Klagenfurt, 2011

Štraus, Ivan. Arhitektura Jugoslavije, 1945-90. Svijetlost, Sarajevo, 1991

Токарев, Михаил. 100 години модерна архитектура, книга 3. Посебно издание, Скопје, 2006

 

КРАЈ на серијата

 

БЛАГОДАРНОСТ

Редакцијата ја изразува својата благодарност за плодотворната соработка со проф. д-р Михаил Токарев, со надеж дека наскоро повторно ќе се сретнеме на страниците на Порта3.

Испрати коментар

Scroll To Top